×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Нови уметнички дела, забава и дружење, уште едно извонредно издание на „Графити фест“ во Куманово

    19.05.2024 14:21 | Оливера Пешевска

    Во Куманово викендов се одржува шестото издание на фестивалот на улична уметност „Графити фест“, во организација на Здружението за ликовни уметности „Форма“.

    Нови уметнички дела, забава и дружење, уште едно извонредно издание на „Графити фест“ во Куманово

    Вчера графити и мурали се сликаа на ѕидовите на стамбениот блок на Октомвриска револуција, а денеска во близина на средното училиште „Перо Наков“. 

    „Многу ми е мило што се случува вакво нешто во нашиот град, и треба многу почесто да има вакви културни, урбани настани. Не само што не ми пречи, напротив мислам дека почесто треба да се организираат, ми пречи кога ништо не се случува. Не се нагрдува, токму тие го разубавуваат градот, треба Куманово да е град на графити и мурали“, изјави Лаура Живиќ - Тренчевски, посетителка на „Графити фест 2024“.

    Фестивалот помина во најдобар ред, сончевото и топло време измами доста посетители, а голема поддршка дадоа жителите на стамбениот блок каде се одвиваше манифестацијата.

    „Благодарение на членовите на месната заедница „Панче Пешев“, автомобилите се тргнати. Времето ни се погоди, по врнежливите денови од неделата. Сега и денот е поголем и тука сме до вечерните часови, започнатото ќе се заврши додека се стемни, утре сме на нова локација, ќе се работи на К4, К5 паркот, зад економското училиште“, појасни Горан Стојанов, од Здружението за ликовна уметност „Форма“.

    По негово мислење кумановци го ценат она што тие го создаваат, муралите создадени во изминатите 5 години многу малку се оштетени, а од атмосферските влијанија според очекуваното.

    „Во градот има доволно ѕидови на кои може да се интервенира, само да има добри луѓе кои ќе ни дозволат, ѕидовите не ни бегаат, но потребна е помош од граѓаните да ни доволат вакви манифестации. Никако не застануваме, само што започнавме“, порача Стојанов.  

    Фестивалот има меѓународен карактер и на него учествуваа 18 уметници од Македонија, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Германија и Турција. Меѓу гостите беа две девојки, кои работеа според скиците кои ги осмислие за ова прилика.

    „Прв пат сум во Куманово, и Македонија воопшто. Тука сме заедно со една колешка, Маја, останатите се машки. Јас сум од Мостар, Босна и Херцеговина, и таму сум организатор на ист ваков фестивал. Имаме вземна соработа и посети, минатата година беа два уметника од Куманово, Молерај и Драж, сега пријателски ја возвраќаме посетата. Кај нас се одржува кон крајот на август, почетокот на септември“, истакна Карла Ќосиќ, дипломиран уметник од Мостар, Босна и Херцеговина.

    За посетителите имаше штандови за освежување и закуска, места за дополнителна забава, како и шатор со ди-џеј за подигање на расположението со музика. „Графити фест“ е комплетна журка за целодневна забава на граѓаните, од најмалите до пензионери, со сериозна возраст, кои имаа само пофални зборови за уметниците и организацијата.

    „Графити фест“ ја отсликува душата на уличната уметност и креативноста на младите, по што е единствена таква манифестација во Македонија.

    Вчера забавата траеше до доцна во ноќта. Фестивалот се одржа со спонзорство на приватни фирми.