Изложба во Уметничката галерија по повод 25 години од откривањето на Кокино
Во Уметничката галерија во Куманово, утре во 20 часот, ќе биде отворена изложба на слики, документи и археолошки наоди посветена на мегалитската опсерваторија „Кокино“.
Изложбата ја организира НУ Музеј Куманово, по повод 25-годишнината од откривањето на еден од најзначајните археоастрономски локалитети во Македонија.
„Изложбата има за цел да го претстави значењето на откривањето на Кокино, неговите исклучителни археолошки, научни и културни вредности, како и неговото место во македонското и светското културно наследство. Преку изложените материјали ќе биде претставен патот од откривањето на локалитетот до неговата поширока научна и меѓународна афирмација.
Посебно место на изложбата заземаат ликот и делото на покојниот археолог Јовица Станковски, кој заедно со стручните соработници и вработените во НУ Музеј Куманово учествуваше во откривањето на локалитетот Кокино. Оваа изложба претставува и чин на почит и благодарност кон неговиот професионален ангажман, визија и придонес во откривањето и афирмацијата на ова исклучително културно наследство“, вели авторот на изложбата, виш кустос – археолог Мирослав Петковски.
Проектот е финансиран од Министерството за култура и туризам.