Светот ни се смее за проблемот со кравите, дајте ми законски механизам да ги тргнам од улиците, побара Митовски
Градоначалникот на Општина Крива Паланка Сашко Митовски на денешната прес-конференција побара од Владата и од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) итно да утврдат правен механизам со кој локалната самоуправа ќе може да ја координира акцијата за отстранување на добитокот од улиците и имотите на граѓаните.
Доколку се обезбедат законски услови, тој вети, дека ќе подготви протокол и оперативен план и ќе ја спроведам акцијата за помалку од 10 работни денови.
Проблемот со кравите во Крива Паланка стана тема и во светските медиуми. Дел од кравите преминале и на територијата на соседните држави.
„Во меѓувреме светот ни се смее, не само на Крива Паланка, туку и на Македонија, држава која има закони, институции, инспекции, агенции и министерства, а со години не успева да реши проблем со крави кои неконтролирано се движат по улиците. Ова е понижување за сите нас, а најмногу на луѓето чии имоти се уништуваат и трпат штета, и плаќаат за немоќта на органите. Сакам да го прекинам овој срам и конечно да го решиме овој проблем“, кажа Митовски.
Според него, оваа постапка треба да се реализира во соработка со надлежните институции и под ветеринарен надзор.
Митовски вели дека, префрлањето на одговорноста меѓу институциите не дава конкретен резултат, поради што повика на заедничко постапување.
Агенцијата за храна и ветеринарство уште во 2024 година издаде наредба за одземање на стадото од тројцата сопственици, но таа досега не е спроведена.
Митовски минатата недела побара од Владата да биде прогласена 30-дневна кризна состојба на територијата на Општина Крива Паланка, и да се обезбедат потребните ресурси за трајно решавање на проблемот со неконтролираното движење на крупниот добиток, но тоа не беше прифатено.