Мени

Потрошени 800.000 евра за канализација во Табановце и Сопот, проектот е заглавен поради нерешена експропријација

17.11.2026 09:08 | Сузана Николиќ

Проектот кој требаше да го реши проблемот со канализацијата во кумановските села Табановце, Сопот и Четирце е заглавен поради нерешени имотно - правни односи и со години е нефункционален. 

 

Потрошени 800.000 евра за канализација во Табановце и Сопот, проектот е заглавен поради нерешена експропријација

Изградбата на канализациската мрежа во кумановските села Табановце и Сопот, која започна пред пет години се уште не е завршена, поради нерешени имотно-правни односи на трасата низ која поминува. За досегашната реализација потрошени се 800.000 евра, а изградената инфраструктура нема никаква функција, поради што жителите се крајно револтирани. По нивно барање, Советот на Општина Куманово на последната седница расправаше по ова прашање, барајќи одговор зошто проектот е блокиран и што ќе се преземе за негово решавање.

„Проектот започна со предвидената динамика, но поради нерешени имотно-правни односи изградбата запре на еден дел, а продолжи на делниците каде што беше извршена експропријација. Средствата се целосно искористени, проектот е затворен, а фекалната канализација не е ставена во употреба“, одговори Лидија Ланг - Спасовска, раководителка на Секторот за комунални работи во Општина Куманово.

Општина Куманово во 2021 година доби 47,7 милиони денари или 800.000 евра од Владата за изградба на фекална канализација со главен колектор и секундарна мрежа во пограничните села Табановце, Четирце и Сопот, која требаше да биде поврзана со канализацискиот систем во селото Долно Којнаре. Средствата беа обезбедени  преку Министерството за транспорт и врски, од проектот ТАВ, откако пропадна идејата за изградба на карго-аеродром во Штип. Изведувач на работите беше фирмата „Жикол“, а изградбата на канализацијата започна во декември 2021 година.

Од опозицијата обвинија дека Општината нема контрола на проектите и парите што се трошат за нивна реализација, бидејќи стана пракса да останат недовршени и без функција.

„Ова е уште еден во низата нереализирани проекти за изградба на канализациска мрежа на територијата на Општина Куманово. Во Тромеѓа беа потрошени 500.000 евра, овде 800.000 евра, а селата немаат канал. Се работи за огромни пари и поразително е што средствата се потрошени, цевките се поставени под земја, а жителите не можат да се приклучат. Ова е доказ за тоа како работи Општина Куманово во изминатите години, милиони се трошат за инфраструктура што останува нефункционална“, кажа советникот Томица Илиќ од СДСМ.

Иван Петковски од „Ред за Куманово“ праша кој бил надлежен за спроведување на експропријацијата на земјиштето, Министерството или Општина Куманово, додека советничката Марина Манојловска од СДСМ побара објаснување што е изградено за потрошените пари и зошто Општината досега не одвоила средства за откупување на земјиштето.

Бидејќи немаше одговор на овие прашања поради краткиот рок за подготовка на седницата, раководителката Ланг Спасовска најави дека во наредниот период ќе побараат информации од надлежните министерства и ќе ја информираат јавноста за состојбата со проектот.