Греота е Куманово да нема отворена културна сцена, театар и кино, вели Марко Трајковиќ, кандидат за советник на ДПСМ
Марко Трајковиќ, актер и кандидат за советник во Советот на Општина Куманово на „Братска листа“ на Демократската партија на Србите во Македонија (ДПСМ), вели дека, доколку биде дел од новиот советнички состав ќе се залага Куманово конечно да добие отворена културна сцена, театар и кино.

„Она што му недостасува на градот е една голема отворена сцена за одржување на Кумановско културно лето. Греота е град како Куманово, со околу 100.000 жители, да нема отворена сцена. Да носиме сцени од други градови за да се одржат некои помали настани, е навистина жално. Немаме театар со години — нè пикнаа во еден кубус во Центарот за култура, немаме ни кино. Додека растевме имавме две кина, а сега се затворени. Нема младински секции за актерство, ликовна уметност, музика... Сè што постои во тој дел е приватизирано. Луѓето се повлекоа, се изгуби онаа врска што порано нè спојуваше. Она што јас ќе го ветам е дека ќе се трудам да ја вратиме човечноста“, вели Трајковиќ.
Тој е разочаран што во Куманово недостигаат многу работи. Вели дека изразот ајде да ја вратиме културата во Куманово ја слуша само пред избори.
„Она што е до мене е да продолжам да работам најпрофесионално и најстручно. Многу ми се допаѓа што на нашата советничка листа има голем број луѓе — професионалци кои знаат што работат. Убеден сум дека од нив може да се научи многу и дека ќе продолжат да даваат голем придонес во општеството“, додава тој.
Советничката листа на ДПСМ - носител Иван Стоилковиќ е под реден број 3 на гласачкото ливче.