×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Гужви и кавги во бесплатниот превоз, патниците бараат повеќе автобуси во големите населби

    23.01.2024 09:01 | KumanovoNews

    Бесплатниот јавен превоз во Куманово што беше воведен од јануари минатата година, покрај поволностите за граѓаните, создава и сериозни проблеми меѓу патниците кои го користат овој вид на транспорт.

    Гужви и кавги во бесплатниот превоз, патниците бараат повеќе автобуси во големите населби

    Иако голем дел ја оправдува услугата што ја нуди општината, сепак расте и незадоволство меѓу повеќето од нив. Тие се револтирани од гужвите и турканиците што се создаваат, при што не ретко доаѓа и до вербални и на граница на физички пресметки меѓу патниците.

    Главен проблем е што автобусите се преполни затоа што бесплатниот превоз го користат и оние кои немаат реална потреба или обврска од него, туку тоа го прават за да го пополнат слободното време, користејќи ги бенефициите од општинските услуги.

    Заради преполнетиот капацитет од почетните точки на редовните линии, автобусите не застануваат на попатните станици, па така многу граѓани остануваат без јавен превоз и мора да користат такси. Тоа се најчесто учениците и работниците кои секојдневно го користат превозот, како и голем број луѓе кои имаат реална потреба од јавниот превоз во одредени денови.

    „Многу е гужва и тоа во било кое време. Јас ги планирам обврските неколку дена однапред за да можам да излезам со автобус еднаш и да завршам се, да не треба да одам повеќепати. Проблем е и што ние имаме автобус на секој час. Кога би се вратил распоредот на автобусите како што беше порано, на секој половина час, мислам дека гужвата сигурно ќе била намалена“, вели Ирена Митева, патник во автобус во Куманово.

    Граѓаните се револтирани што некогаш се возат и три пати повеќе луѓе од она колку реално е предвидено за возење во еден автобус. Некои од луѓето остануваат на станиците каде што чекале, бидејќи нема место да се качат, па мора потоа да наоѓаат друг начин како да стигнат таму каде што треба. Има и автобуски линии што покриваат повеќе поголеми населби како Перо Чичо, Иго Тричковиќ, Тромеѓа, така што бројот на патниците е поголем и тука се создаваат најголеми гужви и проблеми.

    „Проблем е и што голем број од корисниците на бесплатниот превоз се пензионери, кои имаат најмногу слободно време, но додека се плаќаше карта од 40 денари ги немаше во толкав број во автобусите. Нормално дека секој има подеднакво право на искористување на оваа услуга, но само го посочуваме предизвикот за кој мора да се најде решение“, велат оние што имаат секојдневна потреба од јавниот превоз.

    Незадоволните граѓани велат дека не е исполнета основната улога на бесплатниот превоз, а тоа е сите кои го користат да стигнат брзо и мирно до местото каде што имаат потреба.

    Најголем дел од нив немаат место не само каде да седнат, туку ни каде да стојат. Луѓето, велат, се залепени едни до други, си дишат во врат, немаат простор. На граѓаните им е нарушен редот и мирот кој треба да го имаат уживајќи ја оваа услуга.

    „Многу беше подобро кога се плаќаше автобускиот билет. И тогаш имаше гужви понекогаш, но не до овој степен“, укажува Ана Јакимовска, редовен патник во еден од автобусите во Куманово.

    Спасот и решението за овој проблем граѓаните го гледаат или во враќањето на плаќање автобуски билет или во ангажирање на поголем број автобуси и почест возен ред на редовните линии.

    Советот на Општина Куманово минатата година донесе одлука да го субвенционира јавниот превоз без притоа да направи длабинска анализа колку патници ќе бидат опфатени со превозот и колкави се капацитетите на превозниците. Мерката беше воведена со цел да се помогне на граѓаните во време на економска криза, да се намали сообраќајниот хаос и загадувањето на градот.  Лани бесплатниот превоз чинеше над 1 милион евра, а до средината на оваа година ќе се потрошат уште повеќе од 500 илјади евра. 

    Теодора Стоевска