Министерството за социјална политика не ги дава објектите во касарната во нас. Карпош за отворање на детска градинка
Министерството за социјална политика, демографија и млади (МСПДМ) го одби барањето на Општина Куманово да ги даде на трајно користење објектите на поранешната касарна во населбата Карпош, заради отварање на детска градинка.

На ваквата одлука реагира советникот од ЗНАМ Зоран Јовановски, кој вели дека граѓаните од населбата Карпош имаат реална потреба од отварање на детска градинка.
„И по втор пат е одбиено барањето, од напишаното како само да се сменил потписот на министерот, се друго е исто како и претходно. Жителите се на некој начин заложници на ова одлука, голем дел од младите мајки не можат ниту да бараат вработување затоа што нема кој да им ги чува децата. Тоа се одразува на економската состојба и финансиската стабилност на семејствата, иако дел од нив ги носат децата секој ден со автомобил во градот“, истакна советникот Јовановски.
Населбата Карпош е една од најгусто населените делови од Куманово, има најмалку 10.000 жители, а кон неа гравитираат и жителите од Ајдучка чешма, Пуковско, Тромеѓа. Јовановски констатира дека населбата брои повеќе жители од голем број општини во државата.
Објектите во пораншената касарна Карпош се наоѓаат на парцела со површина од 76.500 м2, сите се напуштени, руинирани, обраснати во трева и без никаков надзор. Местото е закана за безбедноста на граѓаните, преполно со кучиња скитници, можат да се јават и змии, а се забележуваат бездомници кои се засолнуваат.
Ова е по вторпат да се донесе исто решение, само во време на две влади. На предходната одлука од Општина Куманово се жалеа дека тоа е поради политички реваншизам од СДСМ. Но сега кога се дел од власта со ВМРО-ДПМЕ стигнал ист одговор.
„Министерството планира да воспостави интегрирани услуги на локално ниво во партнерство со лиценцирани даватели на социјални услуги, со цел услугите да ги доближи до граѓаните согласно нивните потреби, кои се идентификувани и во социјалниот план на самата општина и општините во околината. Министерството за социјална политика и Центарот за социјални работи се соочуваат со барањата за користење на социјални услуги, особено за вон семејни услуги и затоа се планира да го реновира објектот и да го стави во функција“, стои во одговорот од Министерството.
Во предизборните кампањи политичарите ветуваа отварање на неколку детски градинки: во населбите Перо Чичо, Карпош, Бајрам Шабани и Тоде Мендол. На листата на чекање има повеќе од 330 деца, а во градинката се запишани повеќе деца од предвидените капацитети.