Интервју со Мирослав Петковиќ: На Куманово му се потребни нови луѓе, а не стари фотељаши со мувлосани ветувања
Се кандидирав затоа што во овој град се затворија сите сцени каде работам и творам, освен политичката. Долго време критикував и кога конечно добив понуда да бидам дел од промената, ќе беше кукавички да одбијам. Куманово има потреба од нови луѓе, а не од стари фотељаши и нивните мувлосани ветувања, вели Мирослав Петковиќ, кандидат за градоначалник на Куманово од Левица.

Влегувате во трката за градоначалник во време кога Општина Куманово се соочува со сериозни инфраструктурни, еколошки, сообраќајни и други проблеми, а граѓаните се незадоволни од ваквите состојби. Што ќе биде Вашиот приоритет?
Мојот приоритет ќе биде враќање на функционалноста, а со тоа и правичноста во управувањето со општината. Куманово мора конечно да стане град што функционира, со чиста животна средина, уреден јавен простор, богат социјален живот и транспарентно трошење на јавните пари. Ќе се фокусираме на реална инфраструктура ширење на градот, а не згуснување, екологија и рамномерен развој. Неколку асфалтирани улици во приградските средини и центарот не значат развој - тоа е тековна работа на општината, а не развој. Досега ние 35 години имавме неуспешна политика на локално ниво, успешната политика е ланец на победоносни/напредни идеи, но под услов да имаме администрација која тоа ќе го спроведе, а 35 години тоа не е фактичката состојба.
За да имаме функционална општина, неопходно е спроведување на законите и професионална локална администрација. Граѓаните имаат сериозни забелешки на работата на одредени служби. Што ќе преземете за да ги поправите овие состојби?
Ќе се спроведе внатрешна реорганизација, ресистематизација, а со тоа и ревитализација на администрацијата, каде што секој ќе работи она што го знае и за што е стручeн и сечија амбиција ќе биде разбудена и поддржана. Наместо отпуштања, ќе има реструктуирање, обуки и процена на квалитетот на работата. Ќе ставиме крај на партиските вработувања, ќе се вработува според знаење, а тоа знаење ќе биде стимулирано од градоначалникот, а не како досега - вработувања според партиска книшка.
Јавните претпријатија се камен околу вратот на општината. Наместо да остваруваат добивка и да го развиваат градот, тие создаваат загуби, па граѓаните двапати плаќаат — еднаш преку сметките, а вторпат преку покривање на нивните долгови. Имате ли план за нивно реструктуирање?
Јавните претпријатија се камен околу вратот на Општината, бидејќи власта во последните години ги третираше како сидро кое ќе ги влече општините напред. Конечно, време е да дојде градоначалник кој ќе им каже дека за одење напред не е потребно сидро, туку едро. Да, и тоа е еден од најважните приоритети. Ќе се направи целосна анализа на работењето на сите јавни претпријатија и ќе се утврди каде се загубите и зошто се случиле истите. Потоа следува реструктуирање, доедукација и поставување на професионални директори по јавен конкурс и внатрешна координација меѓу претпријатијата за да нема дуплирање на функции. Јавните претпријатија мора да се корисни за јавноста, нивните работници мора да бидат стимулирани, а јавните претпријатија да не бидат продолжена рака на партиските штабови.
Граѓаните велат дека Куманово никогаш не било толку валкано, реките ни се мртви, зеленилото уништено, диви депонии на секој чекор. Секако дека вината е кај несовесните граѓани, но одговорноста е кај оние што го водат градот. Потребни се контроли и строги казни кои ќе ги дисциплинираат несовесните. Подготвени ли сте да влезете во „војна“ со нив, без да правите пресметка колку ќе чини вашата одлучност?
Повеќето од граѓаните не се несовесни туку гневот од нефункционалноста на институциите ги притиска кон граѓанска непослушност. Јас дел од тие диви депонии ги гледам токму како граѓанска непослушност и до некаде го разбирам тој револт. Сите граѓани кои тоа го прават поради граѓанска непослушност, ги убедувам дека ние младите ќе работиме на зголемување на професионализацијата и функционалноста на јавните претпријатија. Куманово не смее повеќе да живее во ѓубре и хаос, младите не смеат да живеат во ѓубре и хаос, децата не смее да се раѓаат во ѓубре и хаос. Ќе воведеме еколошка/комунална полиција, редовни контроли, строги казни и јавна транспарентност. Ќе спроведеме и јавни кампањи за едукација, бидејќи чист град се гради пред се со култура на живеење, а потоа со санкции.
Уништувањето на јавните добра е проблем за кој досега не успеал да најде решение ниту еден градоначалник. Како планирате да го решите?
Најпрво ќе се донесе Локален план за заштита на јавниот простор и јавната урбана опрема. Во соработка со централната влас - бидејќи градоначалникот не е добар градоначалник ако нема добри односи со централната власт - ќе се воведат правно обврзувачки документи за сите институции поврзани со екологијата и јавниот простор. Ќе се воведе граѓански надзор и јавност во секоја одлука за продажба или концесија на општински имот на најтранспарентен начин. Јавното ќе остане јавно, но сепак наше, а уништувањето треба да стане кривична одговорност, а не навика и рутина.
Со неконтролираното градење во централното градско подрачје се уништи старата архитектура и градот се обезличи. Оние ретки примероци кои останаа се препуштени на забот на времето. Како планирате да ја заштитите?
Најпрво со пристапување кон регистрација и заштита, а потоа и кон реставрација и реконструкција на старите градски објекти со поддршка од европски, светски и државни фондови. Ќе се формира тим за културно наследство кој ќе подготвува проекти и ќе овозможи старите објекти да добијат нова функција - културни центри, арт-студиа, општински музички студија, дигитализирани музеи и туристички точки. Нашето минато не смее да биде руина, туку гордост.
На Куманово му недостигаат паркови. Тие што ги имаме не се одржуваат, зеленилото е исушено. Допустливо ли е да немаат систем за наводнување и да се полеваат со цистерни, ако знаеме колку пари се потрошени за нивната реконструкција?
Не е допустливо. Не можеме да зборуваме за зелена агенда додека парковите се полеваат со цистерни, а водата ни минува под нозе. Имавме случаи кога по двапати се трошеа пари за садници и се садеше и по двапати истите тие садници се сушеа и покрај тоа што беа посадени многу блиску до вода. Таму каде што ќе биде возможно ќе воведеме систем за обучување на локалното население за одржување на јавното зеленило, а каде што нема да биде возможно ќе воведеме систем за автоматско наводнување, редовно одржување и план за пошумување со зеленило, а приоритет ќе бидат автохтоните растенија.
Куманово нема функционален јавен превоз, иако општината потроши над три милиони евра за негово субвенционирање. Граѓаните се жалат дека возилата се стари, линиите се ретки, а нема ни постојки ниту возен ред. Во недела и за празници воопшто нема превоз, што претставува дополнителен проблем за граѓаните кои зависат од него. Што треба да се смени?
Првин ќе испитаме каде завршиле тие три милиони евра и зошто го нема очекуваниот резултат. Потоа ќе се воведе ЈСП (Јавно сообраќајно претпријатие) со еколошки автобуси, зголемен број на линии кои ќе бидат редовни, објавен возен ред и апликација за следење на јавниот превоз. Во јавниот превоз ќе бидеме пионери со вклучување на железничката линија (шинобус) од железничката станица во Куманово до село Бељаковце со попатни станици во секое село и населено место. Јавниот превоз е право на граѓаните, а не тендерска политика за лични профитирања.
Паркинг-простор, слободни тротоари, катни гаражи, семафори... Болни теми за кумановци. Има ли лек?
Да, ако се работи плански, а не кампањски. Ќе се изработи нов сообраќаен план за Куманово, кој ќе предвиди: катна гаража во центарот, уредени тротоари и пешачки зони, функционални семафори, паметен систем за паркирање со мобилна апликација. Градот мора повторно да стане прооден и човечки.
На што друго се темели вашата програма? Што ќе им понудите на граѓаните за да ве гласаат?
Мојата програма се темели на четири принципи: наука, наука, наука и наука, односно анализа на моменталната состојба, идеја за решение за моменталната состојба, концепт и реализација. Верувам дека општината мора да биде на страната на граѓаните, не против нив, инструмент за нормален живот, а не партиски плен. Куманово ќе добие општина што ќе се грижи за работничката класа, за младите, за луѓето што секојдневно го движат градот, но најчесто се заборавени. Ќе воведеме локални мерки за заштита на работничките права, контрола на условите во јавните и приватните фирми и поддршка на синдикалното организирање. Паралелно, ќе ја поттикнеме локалната економија и занаетчиите преку општински фонд за поддршка на мали бизниси и традиционални вештини, затоа што економијата чија основа е трудот, а не партиски тендери, е здрава економија. Особено внимание ќе се посвети на културата и младите и тоа преку создавање на нови културни простори, независни сцени и програми што ќе ги задржат младите во градот, а нема да ги бркаат од него. Нашите зелени политики ќе бидат насочени кон враќање на јавните добра под контрола на граѓаните и создавање на чиста, одржлива и функционална урбана средина. Левица ќе покаже дека Куманово може да се води чесно, одговорно и со еднакво почитување кон сите: од работникот до уметникот, од земјоделецот до инженерот. Целта е да се врати достоинството на трудот и да се изгради праведна, човечна општина, каде секој има и место и глас!
Зошто се одлучивте да се кандидирате? Тоа беше ваш избор или ви го наметна партијата?
Се кандидирав затоа што во овој град се затворија сите сцени каде работам и творам, освен политичката. Долго време критикував и зборував што треба да се смени, и кога конечно ми беше понудено да бидам дел од промената, ќе беше кукавички да одбијам. Политиката за мене не е амбиција, туку инструмент за вистинска промена. Мене никој ништо не може да ми наметне, јас сум академски граѓанин на ова општество кој има и свое минато во политичкиот активизам. Моите лични убедувања се радикално леви, јас по природа сум анархист, а тоа значи дека јас никогаш нема да послушам наредба, но никогаш нема ниту да изневерам идеја! Пред да ми судите за анархизмот ве молам прочитајте што значи анархизам. Тоа не е она што ви го кажуваат политикантите од македонските „традиционални партии“.
Влегувате во кампања како најмлад кандидат и како нов во политиката. Сметате ли дека тоа е предност или хендикеп? Ќе можете ли се справите со една толку одговорна функција доколку победите?
Треба да направиме дистинкција помеѓу тоа што е партиски активизам и тоа што е политички активизам. Јас не сум нов во политиката, јас сум политички активист уште од 2007/2008, година. Единствен новитет е мојата политичка определба, тој мој личен политички активизам, да ја канализирам преку партија како што е Левица, чиј развој го знам од семето, па се до стеблото кое денеска гордо се развива низ Македонија, а многу скоро ќе го даде и долго-очекуваниот плод, а тоа е слободно Куманово и слободна Македонија. Хендикеп е можеби традицијата која ја наметнаа старите политичари со наративот кој вели дека се што е помладо од нив е се уште премногу младо и се уште не му е време, но тоа ни е и предност. Веќе сите ги разбраа нивните игри и тактики за држење на фотељата што е можно подолго преку системи за девалвирање на вредностите и дискредитација на младите личности! Млади луѓе се уште има во градот и сите се за градот, бидејќи младоста носи нова енергија и искреност. Разликата ќе биде во тоа дали ние младите после 30 години ќе носиме ловорики на гробовите на сегашните функционери или тие гробови засекогаш ќе бидат заборавени. Можеби нашите години се хендикеп пред старите политичари, кои се обидуваат да нè прикажат како неискусни, но тоа е нивен страв а не наша слабост. Јас имам знаење, енергија, визија и храброст да направам тим од луѓе кои ќе ги подржат или аргументирано ќе ги побијат моите идеи. Куманово има потреба од нови луѓе, не од стари фотељаши и нивните мувлосани ветувања.
Од кого очекувате поддршка? Какви се вашите прогнози?
Најмногу очекувам поддршка од младите, бидејќи тие се најпогодени од сегашните политики и сакаат промена. Но, ме изненадува колку различни групи на луѓе, работници, пензионери, културни дејци, па дури и дел од гласачи на власта ми даваат поддршка. Тоа ми покажува дека Куманово е подготвено за нова енергија и чесно управување. СЕГА е времето младите да се ослободат од стравот јавно да говорат за проблемите и јавно да нудат решение затоа што ние со идеја и без страв, доаѓаме!