Интервју со Сања Лукаревска:Идејата дека можам да го променам светот ме натера да влезам во политика
Можеби ќе звучи нескромно, но веќе покажавме дека работите навистина ги менуваме на подобро, барем во нашата татковина... Омилена политичарка ми е Ангела Меркел, бидејќи покажа како жена може да го менува и да го движи светот напред... Во мојот карактер приватно и службено важат истите принципи, тоа се вредностите на кои ме учеле и со кои сум пораснала - чесност, лојалност, искреност...

Најпрво, која е Сања Лукаревска, приватно?
Читател на добра книга, љубител на кафе испиено во тишина кој тежнее да си "купи" време за средба со блиски пријатели. Нема голема разлика во мојот карактер приватно и службено. Истите принципи во релациите важат и во двата сегмента од животот, зошто тие се вредностите на кои ме учеле и со кои сум пораснала - чесност, лојалност, искреност, поддржувач. Но, да, во приватниот живот мора да признаам дека сум многу позабавна.
Кој беше патот по кој моравте да го поминете за да дојдете до она што сега сте?
Работа, работа и работа. Упорност, посветеност и постојано надоградување.
Што за Вас претставува папок на светот? Без што не можете да си го замислите животот?
Човечноста. Хуманоста. Солидарноста. Љубовта. Ништо не би имало смисла, доколку тоа што го правиме е без љубов, доколку тоа што го имаме, не го делиме со други, доколку не помагаме и не подаваме рака.
Кој беше моментот што ве натера да се занимавате со политика?
Идејата дека може да го променам светот. Можеби ќе звучи нескромно, но веќе покажавме дека работите навистина ги менуваме на подобро, барем во нашата татковина. Ја вративме слободата и демократијата, влеговме во НАТО, отпочнуваме преговори со ЕУ, се грижиме за сите граѓани и создадовме едно општество за сите. Ова е и тоа како целосно изменета слика од таа црната што ја имавме пред 3 години, нели?
Колку Ви се смени живот откако станавте политички активна?
Одамна сум дел од СДСМ и подолго време сум вклучена во партиските тела. Но, по моето доаѓање на директорската функција на УЈП, животот зазеде друг тек, независно, колку јас и да се трудам да биде се' како што било претходно. Останува се' помалку време за приватни моменти, за хоби за коешто имам пасија, за време со родителите, пријателите...Но, во целиот овој процес, во оваа нова етапа од мојот живот, влегов подготвена и се трудам да балансирам секогаш кога можам. Благодарна сум што сите мои блиски имаат разбирање за моите обврски, а уште повеќе за тоа што ми даваат безрезервна поддршка.
Која Ви е омилена политичарка, од домашната или светска политичка сцена?
Ангела Меркел. Покажа дека и тоа како жена може да го менува и да го движи светот напред.
Деновиве имавте прилика да го запознатете Куманово одблизу. Кои се неговите маани, а кои предности?
Куманово, град на здрав хумор кој што и пецка и засмејува. Луѓето, духот на градот, блискоста, предности има толку многу што мааните се речиси незабележителни. Мултиетнички, со уникатен дијалект, со луѓе борци, град во кој слободата и демократијата, секогаш победуваат. Не случајно се вели "Победничко Куманово". Куманово покажа дека знае да ги решава проблемите, а во наредниот мандат, со пратениците од коалицијата "Можеме" од изборната единица 2, заедно ќе се заложиме за натамошен развој на Куманово, кој ќе отвори можности и ќе создаде услови за напредок на секој млад човек, зошто младите ни требаат дома.
Дали сами ги бирате парчињата кои ги носите или некој се грижи за вашиот изглед?
Сама. Сакам да бидам комотна и своја во комбинацијата што ја носам. Комфорна и сигурна во своја кожа. Но, отворена сум за сугестии и прифаќам критики.
Што сакате најмногу да правите во слободно време?
Секогаш е различно. Некогаш е тоа време за пријателите доколку во исто време сме ослободени од обврските, некогаш е тоа време поминато со моите родители, а некогаш време за добра книга или култната серија со разрешените мистерии од страна на Херкул Поаро.