Итна помош доби санитетско возило од Словачка
Службата за Итната медицинска помош во Куманово доби санитетско возило, донација од Република Словачка.
Новото возило од марката мерцедес е опремено со најсовремена медицинска опрема за пружање на прва помош на болните лица, денеска беше предадено од амбасадорот Мартин Безак.
„Не ме прашувајте колку е вредноста на возилото бидејќи ако ова амбулантно возило спаси еден човечки живот, вредноста е непроценлива, - изјави амбасадорот Безак.
Словачката амбасада пред две години започнала проект за опремување на јавните здравствените установи во Македонија, а вакви возила веќе добиле Скопје и Битола. Возилата ги обезбедува приватна фирма од Кошице, со пари од Словачката амбасада.
Во име на граѓаните на Куманово на словачкиот народ и државата се заблагодари градоначалникот Зоран Дамјановски и директорот на Здравствениот дом Миомир Панковски.
„Возило е многу значајно за нашата институција, бидејќи ќе се збогати возниот парк во Итната помош, со оглед на бројот на пациентите потребни се и поголем број на возила. Ова возило е добредојдено во служба на здравјето, превенцијата и брзото транспортирање на пациентите, било да се работи од нивниот дом до болницата или до клиниките во Скопје, - изјави Панковски.
Итната помош во Куманово веќе располага со две слични санитетски возила.