Изгореа зебрите на кумановските улици
Не помина ни една недела, а зебрите на кумановските улици и булевари „изгореа“ на силното сонце.

Обележаната хоризонталната сигнализација ни овој пат не издржа многу, голем дел од линиите веќе се потемнети и истрошени на речиси сите улици во градот.
„Да постои, јас ќе купам заштитен фактор, да не изгори зебрата. Вака додека ги исфарбаа – исчезнаа. Кога повторно ќе ги видам ќе се сликам, може да го третираме како феномен, туризам да равиваме“, се шегува спортист- рекреативец.
Работници хоризонтално обележување на сообраќајниците работеа во вечерните часови, па не се знае која е причината што бојата трае толку кратко.
Дали се работи за неквалитетна или валкана подлога, боја со слаба покривност, дали е нанесена премала количина останува непознато. До заклучување на текстот не добивме одговор од Општина Куманово, кои ветија дека ќе ги ангажираат комуналните служби за да проверат.
Договор за хоризонтално обележување на улиците во Куманово е потпишан со „Виа Сигнал ДООЕЛ“ од Скопје, на 31 август, минатата година, со важност од 12 месеци. Вредност на договорот е близу 2 милиони денари, или околу 33 илјади евра.