Самостојна изложба на Мухамет Идризи во Куманово
Во Изложбениот салон на Центарот за култура “Трајко Прокопиев“ – Куманово, утре со почеток во 19.30 часот ќе биде отворена изложбата „ Асоцијативни пејзажи - Метаморфоза на светлината“ на авторот Мухамет Идризи.
Изложбата содржи 20 слики, работени во техниката акрил на платно и се дел од најновата продукција на Идризи.
Мухамет Идризи е роден 1986 година во Куманово. Дипломирал во Државниот Универзитет во Тетово, отсек сликарство, во класата на професор Иљиријан Беќири во 2009 година. Магистерските студии ги завршил на Универзитетот “Свети Кирил и Методи” – Скопје, во класата на професор Јован Шумковски во 2019 година, насока –сликарство. Од 2010 година работи како наставник во основно училиште во Липково. Во 2019 година ја доби наградата за најдобар цртеж на Колективна ликовна изложба “Моето Перо” - Куманово. Реализирал самостојни изложби, а земал учество и на многу групни ликовни изложби.
Изложбата ќе биде поставена до 11 декември.
Проектот е дел и од годишната програма на Центарот за култура и е поддржан од Министерството за култура и туризам на Македонија.

