Изложба на слики на Татјана Манева во Куманово
Во Изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ - Куманово, вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложба на слики на авторката Татјана Манева.

Авторката ќе се претстави со 16 дела во поголем формат работени во текот на периодот 2017-2019 година.
„Татјана Манева е во потрага по вистината. Таа ја бара вистинската слика на светот. Ја бара сликата на светот што е сеопфатна и обременета со значење во свет затворен во себе, свет во кој што каде и да одите се среќавате само себе, свет што одамна го загубил значењето и ја загубил сопствената смисла на постоење. Нејзините слики сведочат за оваа потрага“,- ќе напише Емил Алексиев, за сликите на Татјана.
Манева е родена 1978 година во Битола. Член е на Друштво на ликовни уметници на Македонија и на Битола. Во 2002 година дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсек графика, а во 2004 година магистрира на истиот факултет.
До сега има направено 25 самостојни изложби, но не само во Македонија, туку и надвор од нашите граници. Добитничка е на повеќе награди и признанија.