Јелена Тасовска, првенец на генерација во „Перо Наков“: Секој матурант треба да верува во своите соништа
Јелена Тасовска е првенец на генерација за учебната 2019/20 година во економското училиште „Перо Наков“, смерот економски техничар.

Оваа млада и успешна девојка длабоко во себе верува и испраќа силна порака до сите нејзини врсници дека треба да останат позитивни и да не се откажуваат од своите соништа во овој тежок период. Смета дека од средното образование секогаш остануваат најголем број на спомени кои потикнуваат успех во понатамошниот животот.
„Средното образование ќе го паметам по запознавање на нови ученици од различни нации и култури и големиот број на дискусии што сме ги имале на часовите. Исто така, и по прекрасните професори, натпревари, различни другарувања, многу смеа, луди планови што не се исполнувале, бегање од часови и многу други интересни случувања“, вели Тасовска.
Во изминатите 4 години Јелена има добиено повеќе награди, а вели дека средното образование придонело многу во надоградување на нејзината личност.
„Имам освоено голем број на сертификати во текот на овие четири години. Се вклучував во секој проект за кој што имав доволно време. Учествував во проектот Erasmus+, многу мултиетнички настани, натпреварите по математика во нашето училиште како и во одлучување на лидер на струка на ниво на целата држава. Да бидам дел од ова училиште, за мене беше од огромно значење. Во таа институција поминував половина време од денот. Се запознав со економските поими кои се дел од нашиот живот и секојдневно не опкружуваат. Сфаќаш какви проблеми би се случувале во државата од аспект на економијата“, додава Јелена.
Според неа, за успешно да се совлада наставната програма најважен е пристапот на професорите кон своите ученици. Јелена вели дека секојдневно имала огромна поддршка од нејзините професори. Доколку би морала да избира, ја посочува математиката како предмет кој го смета за омилен.
Низ смеа вели: „Најголем дел од моите соученици ја мразат, но ете, на мене математиката ми е омилена“.
Од професорите кои оставиле најголем впечаток кај неа, ги издвојува Елена Георгиевска – професорка по македонски јазик и литература и Елизабета Секирарска – професорка по менаџмент. За нив кажува дека се полни со знаење и имаат свој став, сигурни се во себе и успешно ги мотивирааат учениците во замислени цели. Според неа тоа е најважно за да се стекнат со знаење кое ќе им користи во животот. За училиштето вели дека нуди голем број на поволности и шанси за учениците, бидејќи со запишување во економското училиште „Перо Наков“, се отвараат можности за професионално усовршување.
„Им го препорачувам училиштето затоа што не е тешко за учење. Се е разбирливо и лесно сфатливо. Професорите се многу добри и се трудат на едноставен начин да ја презентираат лекцијата. Училиштето нуди и размена на ученици со други држави, што е голема предност. На тој начин се запознаваш со многу различни луѓе, други култури и традиции, пред се со нови работи. Сите ученици кои се со “отворени умови“ и сакаат дружба, нема да погрешат ако се запишат тука“, објаснува таа.
Нејзината генерација, како најразочарувачко го сметаат проблемот со пандемијата, која им го скрати уживањето од прославување на матурската вечер.
„Не бевме подготвени на тоа, затоа што сите го очекувавме тој голем ден. Се надевавме дека ќе го прославиме онака како што сакаме. Но, поради ситуацијата во која што сме, сето тоа падна во вода. Сепак, здравјето е на прво место“, вели Тасовска.
Таа сака своето образование да го продолжи во странство, но се` уште не се определила со што сака професионално да се занимава, но знае во какви услови сака да работи.
„Често во мојата глава се испреплетуваат мисли за тоа кој ми е вистинскиот професионален пат и за жал се уште се немам одлучено. Но, би сакала да работам во компанија каде секој си ја знае својата задача, без мешање во туѓите работи“, кажа Тасовска.
На крај Јелена на сите матуранти им ја честита матурата и им порачува цврсто да чекорат во животот во остварување на нивните соништа.
(Дарко Давитковски)