Каде е ветената индустриска зона во Речица, прашува ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ го праша градоначалникот Зоран Дамјановски и локалната власт зошто сеште не е изградена индустриска зона во селото Речица, која требаше да вработи 2.500 граѓани.

„Поминаа 12 години како Дамјановски владее со општина Куманово и точно 4 години од ветувањето дека во Куманово ќе се гради Индустриска зона со над 60 индустриски капацитети, која само за почеток требаше да обезбеди над 2500 вработувања. Требаше да биде изградена во атарот на селото Речица, а со површина од 60 илјади метри квадратни и излез на автопатот Е75 (Скопје - Белград)? За жал, може да се констатира дека таканаречената индустриска зона на Дамјановски е само уште едно негово промашено ветување на хартија. Таму денеска, освен празна ливада и некосена трева, не може да се види ниту еден започнат инфраструктурен проект, кој би требало да го реализира локалната самоуправа, се со цел привлекување на инвеститори. На ливадата која требаше да биде индустриски капацитет, нема ниту приклучок за вода, канализација, струја, ниту пак е направен некаков пристапен пат, - изјави Бране Петрушевски, член на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата прашуваат дали локалната самоуправа, како и новата Влада планира да ја реализираат Технолошко индустриската развојна зона предвидена во месноста Аџитепе, проект започнат од претходната Влада, кој е во фаза на реализација во Агенцијата за просторно планирање.