Казна од 500 до 2.000 евра за маркетите кои нема да обезбедат редарска служба
Владата донесе уредба со законска сила со која се задолжуваат сите маркети да ангажираат редарска служба на влезот и во внатрешноста на објектот за се запази минимум потребното растојание помеѓу лицата пред и во објектот и да обезбеди спроведување на дезинфекција за раце при влез во објектот“, кажа министерот за економија Крешник Бектеши.

Според Уредбата, како што потенцираше министерот , трговецот е должен да постави соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување на минимум потребното растојание од 2 метри при чекање ред на лицата пред и во објектот и тоа пред секоја каса за наплата и пред влезот на објектот.
„Секако, доколку не се почитуваат одредбите од оваа Уредба следуваат глоби. За малите и микро трговци, кои што нема да воспостават ред и дисциплина пред нивните објекти е предвидена глоба од 500 до 1.000 евра, додека за средните и големи трговци кои што нема да ги почитуваат одредбите од оваа Уредба со законска сила предвидена е глоба од 1.000 до 2.000 евра“, потенцираше министерот и апелираше до трговците да се придржуваат до насоките и мерките на Владата, а до граѓаните кои што ќе утврдат неправилности да пријават на бесплатниот телефонски број 191 на Државниот пазарен инспекторат.
Министерот Бектеши исто така информираше дека на предлог на Министерството за економија на последната седница на Владата е донесена Уредба со законска сила за примена на Законот за минерални суровини со која им се излегува во пресрет на концесионерите на минерални суровини да можат непречено да работат за време на вонредната состојба.