Мени

Ќе се реконструираат семафорите на три раскрсници во Куманово

25.02.2026 09:01 | Сузана Николиќ

Од наредната недела ќе започне реконструкцијата на семафорите на три раскрсници во градот.

Ќе се реконструираат семафорите на три раскрсници во Куманово

Според градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, ќе се интервенира на раскрсниците кај Зелениот пазар, кај Школската амбуланта и кај „Рим Париз“.

„Завршена е постапката, избран е изведувач и очекувам веќе од следната недела да започне реконструкцијата и замената на постојните семафори и контролни уреди на овие локации. Што се однесува до раскрсницата кај малото пазарче, на влезот во населбата Перо Чичо, дополнително ќе се изврши отстранување на техничките проблеми“, изјави Димитриевски.

Тој појасни дека семафорите понекогаш намерно се исклучуваат по барање на сообраќајната полиција и дека не секогаш станува збор за дефект.

„Кога започна проектот „Безбеден град“ во соработка со МВР, дел од семафорите на раскрсниците беа исклучени затоа што на одредени места создаваа дополнителен метеж, поради техничка неисправност на дел од сигнализацијата. Сметам дека овој проект ги дава резултатите и го поддржувам, бидејќи безбедноста на нашите сограѓани треба да биде на прво место“, додаде градоначалникот.

Тој посочи дека проблемите со семафорите на одредени локации се и поради несовесно однесување на граѓани, кои ги уништуваат, иако претходно било интервенирано и дел од светлосната сигнализација биле заменети. Како пример го наведе неодамнешниот инцидент на раскрсницата кај спортската сала, кога кумановка го оштетила семафорот и околната инфраструктура.

Граѓаните, пак, реагираат дека по поставувањето на камерите и засиленото казнување за сообраќајни прекршоци, семафорите треба да бидат целосно функционални и да го регулираат сообраќајот, наместо дополнително да го забавуваат.