Мени

Концерт на Иван Наумовски и Ана Гацева пред Центарот за култура во Куманово

18.06.2026 09:21 | KumanovoNews

На платото пред Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, вечерва со почеток во 20:30 часот ќе се одржи концерт на бас-баритонот Иван Наумовски, во придружба на пијанистката Ана Гацева.

Концерт на Иван Наумовски и Ана Гацева пред Центарот за култура во Куманово

Иван Наумовски е македонски бас-баритон и доцент по соло пеење на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој има богата меѓународна кариера, настапувал на реномирани концертни и оперски сцени во Македонија, Австрија, САД, Германија, Франција, Италија, Чешка, Норвешка, Србија и во други земји. Редовно настапува со оркестрите на Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Нишкиот симфониски оркестар, како и со бројни европски оркестри, меѓу кои и Дунавската филхармонија.

Ана Гацева е редовен професор по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Зад себе има богата концертна кариера, со бројни солистички рецитали, настапи со симфониски оркестри и учества во камерни ансамбли. По покана на угледни концертни сали и музички институции, концертира низ Европа и САД, меѓу кои Франција, Германија, Италија, Австрија, Холандија, Романија, Израел, Белорусија, Украина, Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Словенија, Хрватска и САД.

Како солистка настапувала со оркестарот на Македонската филхармонија, Младинскиот интернационален камерен оркестар, Оркестарот за современа музика „Света Софија“, Рускиот академски камерен оркестар и Битолскиот камерен оркестар.