Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово утре / вторник/ ќе се одржи концерт за флејта и пијано со Страшо Темков и Елена Атанасовска.
На програма се дела од класичната музика, познати дела за публиката, а се дел од концертни настапи низ државата на музичкото дуо.
„Популарни, познати мелодии се дел од програмата со која настапуваат Атансовска и Темков. Тоа ќе биде вистинско задоволство за љубителите на музиката во Куманово, а како ќе се затоплува времето ќе има побројни, погламурозни настани, па ова ќе биде само мало загревање за сезоната што следува“, истакна Александар Митрички, стручен соработник за сценско- музичка дејност.
Страшо Темков е еден од најуспешните македонски музички уметници од својата генерација чијашто многустрана дејност ја зацврстува традицијата на уметничката музика во земјава, промовирајќи ја интерпретацијата на дувачките инструменти, а се вбројува меѓу малкуте македонски уметници кои настапиле во „Карнеги Хол“ во Њу Јорк, САД. Покрај уметничката дејност, Страшо Темков активно се бави со педагогијата. Тој е редовен професор на Факултетот за музичка уметност – Скопје, ментор на студентите на додипломските и магистерските студии.
Пијанистката Елена Атанасовска - Ивановска е една најафирмирани македонски уметници, издвојувајќи се со нејзиниот префинет звук и елегантен израз, но и нејзината огромна продуктивност, евидентна по големиот број на настапи во Македонија и странство. Елена Атанасовска – Ивановска е доцент по корепетиција практика и музички соработник на Факултетот за Музичка Уметност во Скопје.
Влезот е бесплатен за сите заинтересирани.