×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Конечно ќе се реконструира кровот на училиштата „Крсте Мисирков“ и „Браќа Миладиновци“

    30.11.2022 17:05 | Оливера Пешевска

    По две години ќе отпочне постапката за реконструкција на кровот на зградата на основните училишта „Крсте Мисирков“ и „Браќа Миладиновци“ во Куманово. На вчерашната седница Владата го прифати предлогот на Министерството за образование и наука да распише тендер за избор на фирма која ќе ја изврши реконструкција.

    Конечно ќе се реконструира кровот на училиштата „Крсте Мисирков“ и „Браќа Миладиновци“

    „Владата ја разгледа и ја усвои информација за спроведување повеќегодишна јавна набавка за изведување на градежни работи за реконструкција на објектот на ООУ „Браќа Миладиновци” и на ООУ „Крсте Петков Мисирков” – Општина Куманово, како и услуги за вршење на стручно-технички надзор врз реконструкција. Притоа беше задолжено Министерството за образование и наука да ја спроведе постапката за проектот кој предвидува замена на стар и дотраен кровен покривач со енергетски ефикасен покрив. Предвидена е и внатрешна замена на стари и дотраени материјали“, соопштуваат од Владата.

    Директорите на двете училиштата се надеваат дека по завршување на постапката и рокот на жалба, нема многу да се чека да започне и да се заврши санацијата.

    „Се надеваме дека тоа ќе биде за време на зимскиот распуст, кога училиштето е празно, а второто полугодие да го започнеме редовно, по стариот распоред како што беше до минатата училишна година. Ние сакаме што побрзо да се заврши се, но ќе треба да се санираат и штетите од влагата, да се искречат училниците, да се провери електричната мрежа. Секако дека се тоа ќе одземе време, но главно е да се постави новиот кров“, изјавија Јасмина Спасовска, директорка на ООУ Браќа Миладиновци и Филип Колевски, директор на „Крсте Мисирков“.

    Проблемот со протекување на кровот се провлекува две години, но ескалираше на почетокот на оваа учебна година, поради што одделенијата што следат настава на најгорниот кат на зградата мораа да се преместат во Гимназијата „Гоце Делчев“, заради непречено одвивање на воспитно-образовниот процес.

    Според пресметките во ноември 2020 година за реконструкцијата на кровот требало да се издвојат повеќе од 6,4 милиони денари, а според сегашните цени на материјали и енергенси надминува 13 милиони денари.

    Во рамките на санацијата на кровната површина директорите бараат да се постават фотоволтаици, за да се обезбеди заштеда на електричната енергија.

    Во двете училишта „Крсте Мисирков“ и „Браќа Миладиновци“ запишани се над 2.500 ученици и тоа се најголемите основни училишта во градот.