Коњанички марш во чест на Илинден во Куманово
Во чест на големиот празник Илинден, здружението „Коњаница“, за првпат ќе организира коњанички марш низ повеќе населби во Куманово.

Маршот ќе трае три дена, од 31 јули до 2 август, во духот на македонската традиција.
„Маршот ќе започне утре /31 јули/ во 17:00 часот од црквата „Св. Димитриј“ во населбата Тромеѓа. Коњаницата ќе тргне кон населбата Карпош, и околу 18:00 часот ќе пристигне на почетокот на улицата 120. Потоа ќе продолжи кон Ајдучка Чешма, каде што е предвидено кратко запирање околу 19:00 часот. Во 19:30 коњаниците ќе бидат кај амбулантата во населбата Перо Чичо, по што ќе се движи кон м.в. Магаза, а завршница на првиот ден е предвидена во 20:30 часот кај училиштето во населбата Иго Тричковиќ“, велат организаторите.
Вториот ден, на 1 август, маршот повторно ќе започне од Тромеѓа, во 18:00 часот, но овојпат кон населбата Доброшане. Таму коњаницата ќе пристигне околу 19:00 часот и по кусо задржување ќе продолжи кон селото Орашац, каде што во 20:00 часот ќе пристигне кај црквата „Св. Илија“.
„На самиот празник, 2 Август, коњаниците ќе маршираат низ улиците на градот. Стартот е во 18:00 часот од Тромеѓа, а завршницата е планирана до 20:00 часот пред Спортската сала во Куманово“, се додава во соопштението.
Организаторите ги повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да го одбележат празникот во духот на илинденската традиција.
(Фото: Gostivarpress.mk)