Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Матичните лекари во Куманово за анализа на ковид крвна слика пациентите ги праќаат во Здравствениот дом во Куманово, додека за рентген издаваат приоритетни упати за Одделението за рентген и дијагностика во Кумановската болница.
Неодамна Здравствениот дом отвори посебен пункт за земање крв во кругот на болницата во близина на ковид-центрите, за да ги заштити останатите пациенти кои имаат потреба од нивните услиги. Во истата барака се прават и брзи тестови.
„Од 1 март ние започнавме со д-димери анализа, за што ги информиравме сите матични и сега приемот на пациентите се врши во ковид-бараката, за да бидат изолирани од другите пациенти коишто си доѓаат за други болести. Ги боцкаме во периодот од 7 до 9 часот наутро, а потоа правиме пауза заради целосна дезинфекција и кварцање на просториите. Од 10 часот продолжуваме да земаме брисеви за брзи тестови. Во просек примаме околу 25 пациенти дневно, но ако се зголеми потребата ние ќе го зголемиме терминот за прием на пациенти. Во овој период постигнуваме, значи сите пациенти коишто доаѓаат ги примаме и никого не враќаме“, вели д-р Милена Спасовска-Димовска, специјалист по медицинска биохемија.
Таа додава дека тие немаат увид во бројот на пациенти кои што ќе дојдат тој ден кај нив, бидејќи упатите коишто ги креираат матичните лекари на Мој термин важат еден месец, па дел од пациентите не доаѓаат веднаш, а други одат на преглед на Инфективното одделение и таму прават анализа и не го чекаат нивниот термин.
И матичните лекари потврдуваат дека немаат ограничување за бројот на пациенти на кои ќе им издадат упат за лабораторија во Здравствениот дом, а функционира и соработката со Одделението за рентген во Општата болница Куманово.
„За рентген ги праќаме пациентите со приоритетен упат, бидејќи редовните термини се зафатени од хроничните болни. Главно ги примаат пациентите секој ден од 8 до 13 часот и досега ми немаат вратено пациент“, вели матичен лекар од Куманово.