Кумановци во коронакриза чистат по дома, па прават повеќе ѓубре од вообичаено
Граѓаните на Куманово во изминатите три месеци додека траеше полицискиот час чистеа по дома, па создаваа поголеми количини на смет во споредба со предходниот период.

Според информациите од ЈП „Чистота и зеленило“, количината на собраниот смет од домаќинствата во последно време е зголемена од 10 до 20 отсто.
„Во последните 3 месеци со новонастанатата состојба, кога граѓаните кои седат дома и го користат слободното време за чистење на своите домаќинства, на дневно ниво бележиме зголемена количина на отпад, односно од 120 до 140 тона, а предходно беше околу 100 тона. По завршувањето на викенд карантините кои некогаш се и по три дена, наредниот ден имаме многу поголеми количини, кои ни претставуваат проблем за расчистување, но екипите сепак успешно ја вршат својата работа“, вели Даниел Стојчевски, директорот на јавното претпријатие.
ЈП „Чистота и зеленило“, минатата година на територијата на Општина Куманово, собрало околу 27 илјади тони отпад од депониите и граѓаните.
Тој воедно апелира до граѓаните во садовите за комунален смет да не исфрлаат отпад за домаќинства, стари работи итн., туку ако имаат таков отпад да пријават во јавното претпријатие за чие изнесување постои посебна процедура и друга механизација.
Од претпријатието, минатата година на 16 локации во градот поставија садови за селекција на пластика и хартија, а 30 за стакло. Во текот на целата година се собрале околу 600 килограми пластика и хартија, а околу 300-400 тони стакло.
Системот за мерење на количини за изнесен смет во Куманово беше воведен кон крајот на 2018 година.
(Ф.Марковска)