Куманово доби 815 милиони денари за 26 проекти, потпиша договори за 20, уште 6 се во подготовка
Општина Куманово доби вкупно 815 милиони денари од државата за реализација на 26 инфраструктурни и развојни проекти.

Договорите за 20 од нив веќе се потпишани, а за останатите ќе следува потпишување веднаш штом се комплетира потребната проектна документација. Проектите ќе се реализираат во три години.
„Општина Куманово ќе добие 815 милиони денари за реализација на 26 проекти. Склучени се договори за 20 проекти, кои импутираат 400 милиони денари. Во 2025 година се предвидуваат да бидат реализирани 90 милиони денари, а останатите во 2026 година“, кажа Лидија Ланг Спасовска, раководителка на Секторот за комунални дејности.
Обезбедени се средства за реконструкција на улиците: Индустриска, „Бајрам Шабани“, ул. 425, нас. Иго Тричковиќ, дел од ул. 600 кај Кумановска Бања, дел од „Благоја Думановски Пецаклија“ во нас.Перо Чичо, ул. „Киро Фетак“ и крак од ул. Киро Фетак, дел од ул. Веселин Вујовски од ул.Карадачки Одреди со ул.Есперанто и дел од улица Васко Карнгелевски, локален пат кој ги поврзува пат Куманово-с.Пчиња до с.Романовце до асфалтната база.
Изградба на улиците: АВНОЈ со 4 крака, дел од ул. 722, 723 и 716, дел од ул. 716 и 719, дел од ул. 717 и 725, во Гладно поље.
Изградба на гасоводна мрежа: од ул.11 Ноември до ООУ „Толи Зордумис“, ул.АВНОЈ со Видое Смилевски-Бато, дел од ул.Народна Револуција, ул. Доне Божинов до нас.Карпош, ул. Тоде Думба, ул. Никола Тесла, ул. Драган Стопаревиќ, ул. Горно Милановачка и ул. Вараждинска.
Партерно уредување на спортска сала - изведба на систем за ладење и греење во спортската сала, електрика и фотоволтаици во спортската сала.
Реконструкција на водоводната мрежа на ул.„11 Октомври“ (од ул.Гоце Делчев до ул.4 Јули), реконструкција на фекална канализација на ул.„11 Октомври“ (од ул.Гоце Делчев до ул.Сава Ковачевиќ).
Проектите за кои не е потпишан договор бидејќи немаат комплетна документација се: изградба на детска градинка на нас. Зелен Рид, реконструкција на дел од Дом за стари лица „Зафир Сајто“ Куманово, изградба на нов мост на река Крива река во с. Довезенце, реконструкција на Градска Капела, реконструкција на ООУ ,,Вера Которка" Клечовце и реконструкција на ООУ „Кочо Рацин“. Тие ќе чинат 375 милиони денари.
На вчерашната седница на Советот на Општина Куманово донесе одлука за дополнување на развојната програма и ребаланс на буџетот за 2025 година, токму со новите проекти.
Опозицијата ги поддржа двете програми, но обвини дека општинските служби и ЈП „Куманово-план“ затаиле во однос на изработката на проектите. Имаше забелешки и по кој критериум се одредени приоритетите на проектите, кога нема соработка со урбаните заедници, како и тоа дека нема проекти за централното градското подрачје. Беше одговорено дека најголем дел од проектите се од развојната програма што ја донел Советот. Во однос на прашањата зошто оваа година ќе се реализираат проекти само во висина од 90 милиони денари беше кажано дека тоа е поради краткиот рок за спроведување на постапката за јавна набавка и избор на изведувач, поради што повеќето проекти ќе се реализираат во наредната година.