Мени

Куманово го одбележа 11 Ноември – Денот на ослободувањето од фашизмот

11.11.2025 15:20 | KumanovoNews

Прославата на 11 Ноември -  Денот на ослободувањето на Куманово од фашистичкиот окупатор, започна претпладне кога повеќе делегации од градот и гости од земјата и странство, положија свежо цвеќе на Спомен-костурницата на паднатите борци од НОВ.

 

Куманово го одбележа 11 Ноември – Денот на ослободувањето од фашизмот

Потоа се одржа свечена седница во салата на Занаетчискиот дом, каде се обрати градоначалникот Максим Димитриевски, кој потсети на храбрите борци што пред 81 година, на 11 ноември 1944 година, гордо застанале во одбрана на својот град и ја донеле слободата што денес ја живееме.

Тој истакна дека аманетот кој го оставиле славните партизани е да се чува и брани македонскиот идентитет, јазик и традиција, но и да се развива и унапредува државата. Затоа, како што рече, ќе продолжи да води одговорна локална самоуправа која ќе работи на исполнување на обврските кон граѓаните, покажувајќи одговорност, отчетност и лојалност.

Потсетувајќи дека добил доверба за уште еден мандат да го води градот, Димитриевски нагласи дека има обврска да работи на реализација на уште повеќе проекти со цел да се забрза развојот на Куманово и да се подобрат условите за живот на граѓаните.

Тој посочи дека досега се реализирани суштински значајни проекти во сите општествени сфери – инфраструктура, образование, заштита на животната средина, социјална, здравствена и детска заштита, култура, спорт и други области.

„Постигнавме видливи резултати на огромно задоволство на граѓаните од градската и руралната средина, што е повеќе од очигледно. Но, имаме уште многу работа пред нас. Различни сме по идеологија и размислување, но сме единствени во мислата за заедничка соработка преку тимско делување, одговорност во постапките, отвореност за нови идеи и предлози, континуитет и заложби за доброто на граѓаните. Тие позитивни чекори ќе го задржат единството и ќе обезбедат напредок на нашиот град и нашата држава. Посакувам безброј празнични денови кои ќе нè потсетуваат дека националните вредности и традицијата се сакаат со срце и претставуваат наше единствено и уникатно богатство“, изјави Димитриевски.

Синоќа на Градскиот плоштад се одржа концерт со учество на повеќе домашни музичари.