Куманово го одбележа Бадник со традиционална прослава на плоштадот
Здружението „Коледари“ денеска по 26. пат ја организираше прославата на Бадник на Градскиот плоштад во Куманово.
Традиционално, и оваа година беше избран кум на манифестацијата. Стефан Темелковски го презеде кумството од Драган Трајковски.
„Она што нè радува е што овогодинешниот кум е од помладата генерација, а тоа беше и идејата кога ја започнавме оваа манифестација – да се зачува традицијата и да се пренесува на идните генерации“, изјави претседателот на здружението „Коледари“, Мирослав Доневски.
И покрај дождливото време, голем број граѓани излегоа на организираната прослава.
„Нашиот народ вели дека кога има дожд, ќе има и бериќетна година. Во 26-годишната традиција, ова е втора година како паѓа дожд. Но ние сме тука и ништо не може да нè поколеба во одбележувањето на овој голем празник“, додаде Доневски, кој на сите граѓани им го честиташе празникот.

Прославата помина со оро и песна и најдобри желби во пресрет на Христовото раѓање - Божиќ.