Куманово ќе oстане пример за чесно, посветено, отчетно и транспарентно работење, кажа Митевски
Движењето ЗНАМ - За наша Македонија, денеска пред медиумите го промовираше делот од програмата посветен на транспаретното и отчетно работење на општината и вистински квалитетен сервис за граѓаните. Општина Куманово веќе е препознаена по висока транспарентност и отчетност.

Во изминатите осум години ја зголемивме транспарентноста повеќе од двојно, и со резултат од 97.1% денес се наоѓаме меѓу најтранспарентните општини во државата, изјави кандидатот за советник од редовите на Движењето ЗНАМ - Дарко Митевски.
Општината, рече тој, ќе продолжи да вложува во јакнење на административните капацитети и приближување до граѓаните. Куманово ќе остане пример за правилно управување со јавните ресурси, за чесно, посветено, отчетно и транспарентно работење.
„Во програмата на Движењето ЗНАМ - за наша Македонија предвидуваме серија проекти, активности, и заложби за континуирана оптимизација на општинските сектори и одделенија во насока на подобар, поквалитетен и побрз сервис за граѓаните, зајакнување на капацитетите на сите јавни претпријатија со фокус на доопремување со опрема и механизација, зголемување на кадровскиот капацитет, воведување на нови технологии и програми за обуки и доусовршување. Зајакнување на капацитетите на ТППЕ Куманово, со опрема, обуки и тренинг за пожарникарите. Дигитализација на најкористените општински услуги и нивно интегрирање на националниот портал за услуги. Електронски документ менаџмент систем за локалната самоуправа и јавните претпријатија. Воспоставување инфо-центар и инфо-линија во рамките на Општината, каде што граѓаните на едно место ќе можат да добиваат информации и услуги од административните службеници. Изработка на нова инклузивна веб-страница на Општината, приспособена за лица со попреченост, со јасен пристап до сите информации од јавен интерес. Развивање на нова мобилна и веб-апликација преку која граѓаните ќе имаат можност лесно да пријават проблеми, предлози и барања. Организирање на младински форуми и панел дискусии, каде младите ќе имаат можност активно да ги претстават своите идеи, ставови и иницијативи. Воспоставување нов систем за информирање во руралните средини преку поставување огласни табли и јавно достапни известувања. Одржување на јавни средби и форуми за граѓаните, за подобра интеракција и двонасочна комуникација. Навремено и редовно информирање на јавноста преку соопштенија и брифинзи со медиумите за сите значајни активности и одлуки на локално ниво. Издавање на дигитален општински весник, со информации за проектите, активностите и сите актуелни настани во општината“, кажа Митевски.