Куманово слави 82 години од ослободувањето
Куманово денеска одбележува 82 години од ослободувањето од фашистичкиот окупатор и победата во Народноослободителната борба.
На 11 ноември 1944 година, партизанските единици го ослободиле градот, а граѓаните ја дочекале слободата.
Борбените дејствија започнале на 1 ноември, со учество на две бригади од составот на Кумановската дивизија и еден баталјон на Народната одбрана. Десет дена се воделе тешки и жестоки борби околу градот, особено на неговите приоди, по што на 11 ноември била извојувана конечната победа. Граѓаните го прославиле ослободувањето наредниот ден, со голем митинг на градскиот плоштад.
Во четиригодишната борба против фашистичкиот окупатор учествувале повеќе од 2.000 борци од Кумановскиот регион, од кои 455 загинале на различни боишта низ земјата. Куманово, градот првоборец, даде и осум народни херои: Киро Фетак, Перо Чичо, Боро Менков, Бајрам Шабани, Боро Петрушевски – Папучар, Христијан Тодоровски – Карпош, Мара Нацева и Трајко Стојковски – Бузо.
По ослободувањето, Куманово забрзано го испишувало своето поглавје на развој и просперитет во тогашната држава. Градот прераснал во значаен стопански, културен и спортски центар. Интензивно се граделе и модернизирале патната и железничката инфраструктура, а Куманово станало центар на металната, кожарската, текстилната и дрвната индустрија.
По осамостојувањето на Македонија, Куманово помина низ тежок процес на транзиција. Но, сепак, градот постојано се гради и обновува со нови објекти, сообраќајници и спортски терени, кои го менуваа неговиот лик и придонесуваа за подобрување на условите за живеење.
Куманово е најголема општина во земјава, со близу 100.000 жители од македонска, албанска, српска, ромска, турска и други националности, кои, меѓу другото, ги поврзува и љубовта кон својот град.
Денот на ослободувањето ќе се одбележи со низа манифестации, меѓу кои и положување цвеќе пред Спомен-костурницата на паднатите борци од НОБ. Ќе се одржи и свечена седница на која ќе бидат доделени Ноемвриските награди.
Изминатите десетина дена Општина Куманово организираше повеќе културни и спортски настани. Синоќа, на Градскиот плоштад, се одржа концерт на кој настапија повеќе музички изведувачи.