Кумановската болница е функционална и ќе продолжи со работа, кажа Филипче
Кумановската болница ќе продолжи со редовна работа затоа што е функционална, кажа министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.

Откако вчера Општинскиот штаб за заштита и спасување во Куманово, побара од Министерството за здравство привремено да го затвори гинеколошко-акушерското одделение, бидејќи со коронавирус се заразиле две акушерки, денеска болница ја посетиле претставници од Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, за да ја организираат работата.
- Денеска во Кумановската болница на увид и разговор со директорката и шефовите на сите одделенија беа државниот секретар во Министерството за здравство и претседателот на Комисијата за заразни болести, со цел да се организира работата во оној дел каде што имаме дијагностицирани нови лица вработени во болницата, а коишто биле во самоизолација, заради контакт со предходно дијагностицираните од болницата. Направен е целосен распоред и болницата во Куманово и во периодот што престои ќе биде целосно функционална, а доколку се наметне потреба од растеретување заради поголем број на пациенти тие ќе бидат упатувани во институциите во Скопје, - изјави Филипче.
Во Кумановската болница има 22 здравствени работници на корнавирус, најмногу на инфективното одделение, но и на хирургија, оддлението за ренген, очно и ушно, а дури 80 здравствени работници се во самоизолација. Намалениот број на вработени беше причина локалните власти да побараат да се испита нејзината функционалност и капацитети да ја врши работата во овој период.