Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во зградата на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Куманово денеска се одбележа Денот на пожарникарството.
Пожарникарите покрај во Куманово, интервенираат и на територија на општина Липково, иако имаат недостиг на кадар и возила, сепак стигаат да одговарат на сите повици.
„Релативно сме добро опремени, да не се жалиме. До крај на јуни треба да се заокружи проектот што го почнавме минатата година, така да секој пожарникар треба да добие комплет опрема за гаснење на шумски пожари и комбинизони за пожари на отворен простор. Се подновивме и со две возила за шумски пожари, така да возниот парк е сосема доволен за опсегот на работата што ја извршуваме. Останува болната точка, возило за висококатници што ни е и реално неопходно и правиме напори во тој сегмент“, вели Деан Илиевски, командир на територијалната пртивпожарна единица Куманово.
Минатата година ТППЕ Куманово имала близу 700 интервенции, а од почетокот на годината има речиси 170 пожари. Командирот Илиевски изрази надеж дека ова година нема да биде таква и нема да продолжат со тој ритам. Констатира дека има млади луѓе, заинтересирани за работа.
„Би напоменал дека е потребно доколку се вработува нов кадар да не се организира само обука, туку да се врати средношколското образование како што имаше на времето. И кога ќе дојде во единицата да е спремен да работи како пожарникар. Од онлајн курсеви пожарникари не бидува. Сега имаме средби на министерско ниво, за измени и дополна на закон за пожарникарство, во законски рамки да се вметне и ниво на образование, и напредување и кариера на пожарникари. Доколку тоа успее, сигурно и самата единица ќе биде на повисоко ниво со обучен кадар“, заклучи Илиевски.
Кумановските пожарникари имаат искусни колеги како Марјан Гелевски, кој и по 49 годишен стаж во единицата продолжува да работи, сака да помогне и идните, помлади генерации да се обучат, за да бидат попрофесионални, поусовршени, да спасуваат и човечки животи и материјални богатства на општеството и на поединците.
Во текот на работниот век Гелевски имал некои моменти, односно интервенции кои биле поопасни од останатите. Тогаш бил многу помлад и успеал да ги надминал тие кризни акции. Со текот на времето од постарите колеги се обучувал и сега не му е проблем- секоја интервенција со размислување, физичка активност и практични вежби да ја надмине.
„ Ќе продолжам да работам, го одложив пензионирањето, и сега моето знаење го пренесувам на сите други, млади колеги. Колку можам ги обучувам, практично и теоретски“, изјави Гелевски, водич на група во ТППЕ Куманово.
На прославата пожарникарите пречекуваа гости и славеа, додека оние кои по распоредот беа на работа будно следеа дали има повик за интервенција. Присуствуваа активни и пензионирани припадници на единицата, членови на доброволното пожарникарско друштво, соработници, помагачи, новинари и пријатели.