„Купувај локално“ – бизнис идеја на кумановски гимназијалци меѓу топ 20 на „Средношколец милионер“
Идејата „Купувај локално“, дело на учениците Андреј Доневски, Теодор Ефремовски и Теодосиј Лазаревски од Гимназијата „Гоце Делчев“ – Куманово, влезе меѓу најдобрите 20 бизнис-идеи во земјава на натпреварот „Средношколец милионер“.
Тимот развива онлајн-платформа која ќе ги поврзува македонските производители со купувачите, овозможувајќи директна продажба на домашни пијалаци, храна, мед, занаетчиски производи и други локални продукти – без посредници.
„Ова е прво вакво централизирано решение во Македонија. KupuvajLokalno.mk ќе нуди проверени производители, детален опис и фотографии на производите, цени, како и опции за достава и плаќање, со што ја гарантира безбедноста и довербата во процесот“, стои во објаснувањето на проектот.

Од 438 пријавени идеи, најпрво биле избрани 53, а кумановските средношколци потоа успеале да се пласираат и меѓу најдобрите 20 со својата креативност и иновативен пристап.
„Ова е големо признание за учениците и за нашата гимназија. Следува фаза со специјализирани предавања и менторски сесии за усовршување на идејата и подготовка за финалниот настап пред инвеститорите. Веруваме дека ќе продолжат со истата посветеност и ќе постигнат уште поголеми успеси“, велат од „Гоце Делчев“.
„Средношколец милионер“ е најголемиот натпревар за млади иноватори во Македонија, организиран од Академиите за талентирани средношколци и „Бреинстер Некст колеџ“. Главната награда е 1.000.000 денари, а право на учество имаат сите средношколци од 14 до 19 години. Идеите се објавени на milioner.mk.

