Лажна надеж за азил во Западна Европа

17.12.2010 17:20 | KumanovoNews

Последниот бран од наши граѓани кои минатиот месец беа вратени од Германија, Холандија и Белгија изманипулирани дека таму ќе добијат азил и соодветна социјална помош или вработување, беше тема на денешната трибина под наслов „Лажна надеж за азил„.

Лажна надеж за азил во Западна Европа

„Не смееме да го пречекоруваме прагот на правата од визната либерализација и со тоа да го нарушуваме угледот на Република Македонија како кандидат за членка на Европската унија иако имаме разбирање за маката што граѓаните ги тера да бараат азил во западните земји“ - рече градоначалникот Зоран Дамјановски во обраќањето и потенцираше дека сме должни сите да работиме на подигањето на свеста кај граѓаните за придобивките од визната либерализација кои не смеат да се злоупотребуваат.

Началникот на СВР Куманово Љубомир Ѓурчевски тврди дека, за разлика од минатата пролет кога Белгија беше „поплавена“ од неколку стотини баратели на азил во оваа земја главно од Куманово,Кичево и Струга, во ноемврискиот бран „азиланти“ имаше само педесеттина лица кои беа вратени од Германија. Првиот полицаец на Куманово потсети дека во соработка со полициските органи на западноевропските земји веќе се детектирани двајца наши државјани кои стекнало  државјанства на Запад и се занимаваат со организиран криминал од областа на трговија со луѓе. Нивна мета за манипулирање се и граѓаните кои заминуваат во западноевропските земји со лажна надеж дека ќе добијат азил.

Едниот е од Германија, а вториот од Франција. Против нив се поднесени пријави и известени се надлежните полициски служби во нивните држави, па постојат шанси да им се одземе државјанството затоа што ги злоупотребувале - вели  Ѓурчески.

Свое горко искуство од претстојот во Германија, како жртва на лажните ветувања  дека ќе добие азил го изнесе Зулфиќар Сакиповски (42) од Куманово.

Во Германија заминав на 13 ноември со 200 евра в џеп и со уверување дека таму ќе најдам работа. Се вратив дома гол и без пари. Да заминам ме натера социјалната беда. Издржувам семејство со социјална помош од 2.400 денари. Во кампот во една барака ме сместија со Авганистанец, Руси и уште еден кумановец - со горчина раскажа Сакиповски.

Од тамошните власти му било речено дека нема никакви шанси да добие азил, а може да остане во државата до три месеци, по што ќе мора да си замине. Добил пари за карта и со автобус се вратил дома. Тој апелира до сите наши граѓани да не наседнуваат на ветувањата, бидејќи во Германија му рекле дека нема шанси да добие азил бидејќи нашата држава ги има сите услови за живот.

На училиште се вратиле педесетина ученици од вкупно 167 кои во септември ги напуштиле за да заминат со своите родители во странство. Полицијата поднела и 9 прекршочни пријави против туристичките агенции од куманово што ги превезувале азилантите.

Во работата на трибината учествуваа претставници на повеќе невладини организации, политички партии, градоначалникот Зоран Дамјановски, претседателот на Советот на општината Виктор Цветковски, началникот на СВР Љубомир Ѓурчевски, Зулфиќар Сакиповски во својство на барател на азил и модераторот на ЦССП Кујтим Деари. Трибината беше во организација на Центарот за стратегиски истражувања и документација  ФОРУМ и со подддшка  на УНДП и Локалната самоуправа на Куманово.

2008 - 2021 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk