Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во фоајето на Центарот за култура во Куманово, утре со почеток во 19 часот ќе се одржи литературна вечер посветена на Никола Маџиров.
Книжевниот портрет на авторот ќе го презентира писателката и поетеса Оливера Ќорвезироска.
Маџиров е добитник на меѓународната награда за поезијата „Н.К.Казер“ , која ја доделува „Литератур Лана“ во Јужен Тирол, Италија на секои две години, а ќе му биде врачена на почетокот на јуни. Тој е 19-от добитник во 40 годишната историја на ова престижно признание.
„Маџиров спаѓа во највпечатливите гласови на Европа. Тој е ретко кревок во својата радикалност. Постојано ги разнишува утврдените нешта, ја руши историјата и ги преминува сегашноста и минатото според законите на сеќавањето, кое неуморно талка низ времињата“, стои во образложението на наградата.
Тој е добитник и на европскаta награда за млад поет „Хуберт Бурда“, во 2011 година ја добива светската награда за книжевност „ДЈС“ во Кина и европската награда „Левир литерер“ во Франција. Во 2016 година добил наградата за придонес во современата европска поезија на колеџот „Кингс“ во Кембриџ.
Никола Маџиров е роден во Струмица, во 1973 година. Се работи за истакнат македонски автор, поет, есеист и преведувач, со плодоно творечко богатство, преведено и на најретките јазици во светот, како персиски,хебрејски келтски, каталонски.
Маџиров е автор на збирките поезија „Заклучени во градот“, „Некаде никаде“, „Асфалт, но небо“, „Во градот, некаде“, „Преместен камен“, „Рокчето“ (сликовница за деца- 2023 година) и „Дом во тишина“.