Локалната самоуправа не беше организатор на пресот во Куманово, туку Владата, велат од Општината
Локалната самоуправа не е организатор на пресот во Куманово, туку Владата, а за тоа постојат докази во комуникација и покани до медиумите, тврдат од Општина Куманово, откако Здружението на новинари (ЗНМ) упати критика до организаторот дека ги изложиле новинарите на опасност од зараза од коронавирус, затоа што не ги почитувале мерките за заштита.
- Локалната самоуправа заедно со Општинскиот штаб за заштита и спасување учествуваше во техничка поддршка и ги спроведуваше дадените насоки за дезинфекција на просторот, бината и микрофоните и дополнително обезбеди заштитни маски и ракавици за сите присутни. Камерите беа позицирани на безбедно растојание од говорниците според укажувањата и препораките за полесно и побрзо справување со пандемијата од КОВИД-19, со молба да се држи растојание и да се носи зашитната опрема која заедно со средствата за дезинфекција беше дадена на секој присутен од страна на Општинскиот штаб пред влезот во салата, - соопштуваат од Општината.
Од таму додаваат дека досега сите прес конференции и терeнски изјави на градоначалникот Максим Димитриевски биле во согласност со препораките за држење дистанца од 2 метри.
- Искрено жалиме за овој настан, чекинг тестирањето е направено по втор пат на 37 лица по барање на епидемиолог. Сите претставници на институциите се тестирани и запознаени со тоа, жалиме што во тој момент а и до ден денеска не постои прецизен правилник и насока која ја дефинира оваа постапка. Потребно е почитување на препораките и прецизно дефинирање на сите процедури за да се избегнат вакви пропусти во иднина. ОШЗС и кабинетот постапуваше согласно одлуките на повисоките државни органи и законските овластувања и така и ќе продoлжиме. Доколку имавме навремено информирање за резултатите како во случајов, пет дена од тестирањето немаше да дојде до ваков пропуст. Посакуваме брзо закрепнување на заболените и ставање на крај на епидемијата, - додаваат од Општина.
На прес-конференцијата којашто се одржа во средата во ходникот на зградата на поранешен Комитет, пред почетокот на Општинскиот кризен штаб, покрај градоначалникот Максим Димитриевски дојдоа и премиерот Оливер Спасовски и тројцата министри Бујар Османи, Венко Филипче и Арбр Адеми, присуствува и дваесетина новинари, камермани и фоторепортери, а следниот ден Димитриевски објави дека е заразен со коронавирус.

