„Лотарија“ е каква ќе биде вашата клиничка слика од ковид-19, вели доктор Мирослав Бошковски кој се излечи од вирусот, па донираше крвна плазма
Доктор Мирослав Бошковски, матичен лекар во Приватата здравствена установа во Куманово, утрово донираше крвна плазма за четириесетгодишниот пациент од Ресен, позитивен на коронавирусот. Бошковски, кој и самиот го прележал вирусот, по апелот за помош којашто се распространи на социјалните мрежи, не се двоумел да помогне и да спаси живот.

Мотивот за ова хумано дело, како што кажува докторот, освен неговата професија било и самото соочување со коронавирусот одблиску. Тој го прележал ковид-19 со средно тешка клиничка слика и 17 дена бил хоспитализиран на инфективното одделение во Општата болница во Куманово.
„Информацијата за пациентот ја видов на социјалните мрежи. Инаку, претходно уште пред десетина дена се пријавив на Институтот за трансфузиона медицина, како дарител за плазма. Кога го видов апелот веднаш се јавив во Институтот за трансфузиона медицина и некаде за 24 часа се` беше организирано. Беа направени сите подготовки, сите лабараториски изведувања кои беа потребни за да се даде плазма. Денеска, наутро, ја дарував плазмата. Причината, за дарување на крвната плазма е и тоа што и јас го прележав вирусот, но секако и самата професија која подразбира секојдневна хуманост“, вели 35-годишниот доктор од Куманово.
Тој вели дека дарувањето на крвна плазма е сосема нормален процес, како процесот на дарување на крв, краткотраен и безболен. По дарувањето на плазма Бошковски не чувствувал никакви тегоби.
Затоа апелира до сите колеги и до сите граѓани коишто го прележале коронавирусот, по истекувањето на минималниот период од оздравувањето, да даруваат крвна плазма, за да спасат нечиј живот.
„Јас сум доктор и секојдневно помагам на луѓето, но ова е нешто посебно, бидејќи даваш нешто лично од себе, со цел да помогнеш на човек којшто се наоѓа во тешка здравствена состојба. Ова е многу повозвишено чувство! Иако секојдневно апелирам до сите пациенти, коишто веќе го прележале овој вирус, да даруваат крвна плазма, сепак повторно ги повикувам да го направат и сите други луѓе коишто се соочиле со овој вирус, затоа што дарувањето плазма во овој момент може да спаси многу човечки животи“, додава тој.
Освен доктор Бошковски, позитивни на коронавирусот биле и дел од членовите на неговото семејство, кои биле хоспитализирани и на Клиниката за инфективни болести. Тој потенцира дека вирусот постои и дека треба да се сфати сериозно, затоа што може да ги погоди сите, без разлика на возраста и здравствената состојба.
„Навистина не можам да кажам на кој начин сум се заразил, не бев во контакт со такви пациенти, а носев и заштита. Сепак, ете, на некој начин сум дошол во контакт со вирусот. На почетокот ги имав сите карактеристични симптоми за овој вирус, односно покачена температура, кашлица, тешко дишење, малаксаност, замор, намален апетит, треска итн. Исто така, позитивни беа и дел од членовите на моето семејство, но за среќа сега сите сме добри и тој немил настан од првата половина на месецот април го поминавме без последици. Вирусот навистина постои, болеста навистина постои, доволно е само човек да отиде и да ги погледне инфективните одделенија низ целата држава и да види дека болеста е многу опасна. Кој со каква клиничка слика ќе биде е некоја „лотарија“ затоа што имам млади пациенти кои се со потешки симптоми и повозрасни пациенти со послаби симптоми. Ние го прележавме вирусот и за среќа сите сме добри, беа никакви последици“, завршува доктор
Тој додава дека кога веќе дошла болеста, се обидел да го искористи најдоброто од неа, а тоа е дарувањето на крвната плазма на луѓе коишто го прележуваат и доживуваат истите .
На крај на нашиот разговор ги повика граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот, затоа што во многу случаи не се знае кој го носи вирусот и лесно може да ви го пренесе.
(Ф.Марковска)