Меѓународен фестивал на прозата во Куманово
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ утре започнува Меѓународниот фестивал на прозата во Куманово.

Во два дена, на 28 и 29 мај ќе се одржат дебати на одредени теми од книжевноста, изложба и работилница за деца.
Оваа година акцентот ќе биде ставен на утврдување на местото на современата македонска литература во регионални, балкански, но и светски рамки.
„Тема на дводневните дискусии се „Улогата на книжевноста во новиот светски поредок“, со нагласок на домашната литературна сцена и на онаа од нашето најблиско окружување. Имаме еминентни гости, очекуваме интересни и издржани заклучоци, содржини кои ќе го задржат вниманието на публиката“, истакна директорот Сашо Тодоровски.
Освен гости од државата, се очекува присуство на книжевници од Бугарија и Србија.
Првата вечер ќе дискутираат Весна Мојсова- Чепишевска, професор на отсекот за Македонистика на УКИМ, Огнена Никуљски, професор по шпански јазик и преведувач, Оља Стојанова од Бугарија, писателка, драматург и новинар. Модератор ќе биде Душко Крстевски, поет, преведувач и професор по македонски јазик.
Вториот фестивалски ден ќе започне во 11 часот со отварање на изложбата на македонската илустраторка Иванка Ниба, со нејзините дизајни на сликите за детски книги, по што ќе започне работилница за деца од основните училишта. Работилницата ќе биде под водство на Ана Голејшка- Џикова, поетеса и писател на сликовници.
Вечерта, на 29 мај на книжевни теми свои ставови ќе изнесат Филип Грујиќ, писател и драматург од Србија, Лидија Димковска, една од најпопуларните македонски писателки и поетеси и Наташа Сарџоска, поетеса, писателка и преведувачка од Скопје. Разговорот ќе го води Ана Јовковска.
Фестивалот на прозата на Центар за култура Куманово се одржува по 4 пат, со поддршка на Министерството за култура и туризам од 300.000 денари и Општина Куманово со 10.000 денари.