Мени

Меѓународна изложба на уметничка фотографија „Фото Салон“ во Куманово

20.11.2025 12:11 | KumanovoNews

Во Уметничката галерија Куманово вечерва во 19:00 часот ќе биде отворена традиционалната Меѓународна изложба на уметничка фотографија „Фото Салон Куманово 2025“.

Меѓународна изложба на уметничка фотографија „Фото Салон“ во Куманово

Организатор на изложбата е Фото кино клуб „Козјак“, кој и овој пат ги собра фотографиите на домашни и странски автори, кои имаа можност да се претстават со слободна тема.

„Бурното време во кое живееме, целосната дигитализација и брзиот развој на технологијата им овозможуваат на фотографите да бидат сведоци на историјата што се одвива пред нивните фотоапарати“, велат организаторите.

На натпреварот учествувале 127 автори од 12 земји од целиот свет. Жирито, во состав: Радисав Филиповиќ (Србија), Михаел Кацафура (Словенија), Борис Божиќ (Австрија), Неда Рачки (Хрватска) и Боро Рудиќ (Македонија), додели 18 награди – девет медали и девет дипломи за фотографии, а за најдобар автор беше прогласен Олег Маловитски од Украина.

„Првата изложба е организирана во 1962 година, најпрво како клупска, подоцна како меѓуклупска, односно меѓурепубличка, а во последниве неколку години ‘Фото Салон’ прерасна во една од најпочитуваните и најпосакуваните изложби меѓу авторите од државите ширум светот“, истакнуваат од Фото кино клуб „Козјак“.

Покровители на изложбата се Министерството за култура и Општина Куманово, а се одржува под патронат на Фото сојузот на Македонија.