Мицкоски ги повика кумановци да гласаат за советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и за кандидатот за градоначалник Димитриевски
ВМРО-ДПМНЕ вечерва одржа митинг на Градскиот плоштад на кој ги промовираше кандидатите за членови во Советот на Општина Куманово.

Пред присутните се обрати лидерот Христијан Мицкоски, кој ги повика граѓаните да го направат вистинскиот избор, да го заокружат бројот 9 за советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ, и да гласаат за кандидатот за градоначалник на ЗНАМ, Максим Димитиревски.
„Промените не доаѓаат одеднаш туку чекор по чекор. Вистинските промени доаѓаат со вистински луѓе, кои се подготвени да се борат и да истраат. Иднината не ја гради некој друг, таа е во нашите избори денес. Затоа секој глас на овие избори е повеќе од политика, тој е избор за улицата по која чекориш, паркот каде што се среќавате, за училиштето каде што растат вашите деца. Со еден избор продолжуваш напред, а со друг се враќаш назад. Вистинскиот избор за Куманово е носителот на советничката листа адвокатот Владимир Михајловски, чесен човек, со интегритет и доблест“, кажа Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ во Куманово нема свој кандидат за градоначалник, дава поддршка на кандидатот на коалицискиот партнер ЗНАМ.
„Семејството е нешто свето. Тоа е заедница за која што се бориш, ја сакаш и ја штитиш. Ние сме едно големо семејство, дел од него е и нашиот коалиционен партнер ЗНАМ. На овие локални избори актуелниот и иден градоначалник Максим Димитриевски ја има мојата поддршка. Да не дозволиме поранешните структури на СДСМ да се надеваат дека можат да воскреснат. Да ги пратиме конечно во политичка пензија“, рече во обраќањето Мицковски.
Тој кажа дека се обраќа до чесниот народ кој е оптоварен со секојдневни грижи и проблеми, со мака да обезбеди средства за пристоен живот, и додаде:
„Ве разбирам, во оваа битка сме заедно рамо до рамо, и го споделувам и живеам секој ваш проблем и мака. Не ветив чуда преку ноќ, кои се невозможни, но ветив многу работа и силна воља да успееме. И денес после овие 15 месеци кога наследивме држава пред банкрот, речиси распадната, после се она што го правиме и се она што ќе направиме, ви велам ќе успееме. Македонија ќе успее со овој народ. Овие избори се да продолжиме напред, а со другиот избор се враќаме назад“.
Носителот на листата Владимир Михајловски, кажа дека нивната советничка листа се разликува од останатите по тоа што на неа се наоѓаат луѓе од народот, кои ги поврзува искреност, доверба и интегритет.
„Горд сум со луѓето што ги предводам. Тоа се луѓе истакнати професионалци, скромни и докажани во својата работа, чесност и трудољубивост. Со гласање за оваа листа ќе гласате за планско проширување на градот и правилно урбанистичко уредување, за повеќе слободни паркинг површини, изградба на катни гаражи, ослободување на тротоарите и враќање на нивната намена за движење на пешаците. Гласате за изградба на канализациски системи и нивно одржување, за нови спортски игралишта, за субвенционирање на општинскиот спорт, за поддршката на младите. Гласате за почиста животна средина, за почист воздух, за уредување на речните корита и изградба на паркови и нови зелени површини. И што е најбитно, гласате за ваш советник достапен во секое време“, кажа Михајловски.
На присутните им се обрати и носителот на Изборната единица 2 Владо Мисајловски, кој кажа дека доаѓаат подобри времиња за Куманово.
„ Куманово заслужува да биде град на можности, град на развој и град кој се гради со љубов, со посветеност и со визија. Потенцијалот е јасен, визијата е конкретна, а можностите за развој се реални и остварливи“, рече Мисајловски.