Мицкоски го осуди ксенофобичнoто и националистичкото скандирање во Куманово
Премиерот Христијан Мицкоски го осуди скандирањето на кошаркарскиот натпреварот Македонија-Романија, кој се одржа во Куманово.

Тој смета дека скандирањето било од неколкумина присутни во салата, кои што не добиле поддршка од страна на ниту еден од присутните во салата.
„Во текот на вчерашниот ден домаќинот, а тоа беше кошаркарската федерација исто така и Општина Куманово го осудија скандирањето и ксенофобичните испади на неколкумина во салата, искрен да бидам додека бев таму, воопшто и не го забележав тоа, бидејќи стануваше збор за мала група на луѓе. Но, исто така еве би сакал да ја искористам оваа прилика да се приклучам кон осудата на национализмот и ксенофобијата, најпрвин на таа што се случи за време на кошаркарскиот натпревар помеѓу Македонија и Романија, а потоа и да упатам порака до сите навивачки групи да навиваат спортски, да го бодрат својот тим и националниот тим на Македонија. Тоа е она кое што оваа Влада го поддржува, а сето останато ќе биде предмет на истрага и предмет на санкции, без разлика од која страна доаѓа“, вели Мицкоски.
Тој посочи дека навивачките групи треба да ги бодрат своите тимови, без навредливи и ксенофобични пораки.