×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Мила Жибак: Без економските науки не може да се менаџира компанија, ниту да се води сопствен бизнис

    10.06.2020 09:38 | KumanovoNews

    Економски техничар, бизнис администратор, техничар за дизајн на облека, техничар за изработка на облека, техничар за обувки, графички дизајнер и спортист - кошаркар, се професиите кои можат да ги изберат идните средношколци доколку се запишат во Средното стручно училиште „Перо Наков“ во Куманово.

    Мила Жибак: Без економските науки не може да се менаџира компанија, ниту да се води сопствен бизнис

    Од училиштето велат дека тие се издвојуваат од другите, затоа што кај нив учениците се стекнуваат со релевантни стручни компетенции кои се потребни за ефикасно вклучување во работниот и производствениот процес, а паралелно со тоа, се оспособуваат и со континуирано стручно образование и целоживотно учење.

    Директорката Мила Жибак, вели дека за таа цел нивното училиште е опремено со кабинети, работилници за дизајн на облека и обувки, но и со најдобри услови за реализација на спортот.

    „Сакам да напоменам дека училиштето располага со материјално-технички услови за реализација на наставата за сите видови струки и профили што ги нуди. Имаме целосно опремени кабинети за училишни компании, сметководство, архивско работење, работилници за дизајн на облека и обувки, уметничко студио за графички дизајнер, како и најубава спортска сала во градот по сите стандарди, отворено игралиште за кошарка, теретана и пинг понг сала. Стручниот кадар е ушта една предност со која може да се пофали нашето училиште“, додава директорката Жибак.  

    Таа е горда што „Перо Наков“, бил нејзини избор за средното образование, а денеска е доктор на економски науки.

    „Изучувањето на статистиката, сметководството, маркетингот и менаџментот беа вистински предизвик за мене. Без знаењето од овие области не е возможно да се менаџираат и раководат компаниите и институциите, ниту да се има сопствен бизнис. Тие се потреба за секоја компанија без оглед со која дејност истата се занимава“, вели младата и амбициозна директорка.

    Таа посочува и дека компетентноста на нивното училиште е условена и од наставниците кои имаат долгогодишно искуство во образованието. Тие секогаш настојуваат на учениците да им го пренесат знаењето на најдобар можен начин. Наставата во нивното училиште подразбира интерактивен пристап, употреба на современи наставни средства и помагала, како и континуирано учество во воннаставни активности.

    „Средното образование има големо значење за идниот професионален развој на секој човек. Во средното училиште, учениците се стекнуваат со основата, со вештините и компетенциите за избор на својата кариера и професионален пат во животот. Затоа, определбата треба да биде согласно афинитетите, можностите и мотивите на деветооделенците. Стручното средно образование ги насочува учениците согласно нивните вештини и барањата на пазарот на трудот и ги прави далеку поконкурентни и поатрактивни во однос на оние кои не се стручно оспособени во текот на нивното средно образование“, објаснува Живак.

    Во СОУ „Перо Наков“, во учебната 2020/2021 година во прва година можат да се запишат 748 ученици во 22 паралелки, односно 374 ученици во 11 паралелки во настава на македонски јазик и исто толку во настава на албански јазик.

    Се изучуваат две струки: економско-правна и трговска струка (сектор: економија, право и трговија) и текстилно-кожарска струка (сектор: текстил, кожа и слични производи).

    Во економско-правната и трговската струка се изучуваат следните образовни профили: економски техничар и бизнис администратор.

    Во текстилно-кожарската струка се изучуваат образовнитe профили: техничар за дизајн на облека, техничар за изработка на облека, техничар за обувки. Во училиштето исто така има и паралелка за графички дизајнер и истурена паралелка на Спортска академија- кошарка.

    Во истурената паралелка на ДСУ Спортска академија-кошарка, се работи според наставни планови и програми за гимназиско образование, а секој заинтересиран ученик задолжително пред упис мора да помини селективен тренинг за проверка на способностите за кошарка. Селективниот тренинг за уписите за учебната 2020/2021 година ќе се одржи на 8.6.2020 година во 10 часот на отворениот терен за кошарка во училишниот двор на училиштата „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“.

    Следејќи ги потребите и побарувачките на пазарот на трудот, од минатата година се воведоа образовни профили и во двете струки/сектори, во кои наставата се реализира по модуларни програми, а најголем акцент е ставен на учењето преку работа, односно на практичната настава. Согласно воведените реформи, во учебната 2020/2021 година ќе се запишуваат и ученици во новите образовни профили: сектор: економија, право и трговија, профили: економски техничар и бизнис администратор (за што се потребни минимум 60 поени), додека пак во секторот: текстил, кожа и слични производи: техничар за изработка на облека, техничар за моделирање на облека/техничар за дизајн на облека (за што се потребни минимум 45 поени), техничар за обувки, техничар за моделирање на обувки (за што се потребни минимум 40 поени).

    Првото пријавување и запишување на учениците е на 16 и 17 јуни, второто пријавување е на 24 и 25 јуни и на 29 јуни е третото пријавување. Пријавувањата ќе бидат од 7 до 19 часот во просториите на училиштето.

    Од училиштето ги повикуваат идните средношколци да се запишат кај нив бидејќи нивната институција се разликува од другите и поради креативноста во струките, но и поради побарувачката на пазарот за она што тие го нудат.

    За повеќе информации околу запишувањето, за спроведените активности и условите коишто ги нуди СОУ „Перо Наков“ во Куманово, учениците можат да се информираат на инвниот фејсбк профил на овој линк, или пак во училиштето.

    (Ф.Марковска)