Министерството за одбрана објави оглас за вработување на 125 професионални војници
Министерството за одбрана, распиша конкурс за прием на 125 професионални војници на служба во Армијата на Република Северна Македонија.

Конкурсот е распишан за работа на определено работно време со договор за вработување во времетраење од 3 години со можност за негово продолжување повеќе пати, најмногу до навршување на 45 години возраст, по што им продолжува работниот однос со преземање во органите на државната и локалната власт и други државни органи согласно законот.
Кандидатите треба да ги исполнуваат општите услови: да се државјани на Република Северна Македонија, да се полнолетни и да имаат посебна здравствена и физичка способност, како и посебните услови: да имаат завршено средно образование, да имаат завршено доброволно служење на воениот рок и да не се постари од 25 години на денот на завршувањето на огласот за прием на професионални војници.
Исто така кандидатите ќе подлежат и на тестови за проверка на физичката подготвеност.
Јавниот оглас трае 15 дена од денот на распишувањето, а подетални информации заинтересираните кандидати можат да најдат на официјалната страна на Министерството за одбрана.