Мишо Стојановски од Куманово го освојува светот на мозаикот на интернационалната сцена
Младиот кумановец Мишо Стојановски кој ја изучува уметноста на мозаикот во Италија, се повеќе го потврдува својот талент со нови и нови признанија што му се доделуваат на интернационални конкурси и од еминентни светски мозаисти.

Најновото признание е освоена втора награда на Интернационалниот конкурс за мозаик, организиран од Интернационалната асоцијација на современи мозаисти (AIMC).
Делото на Стојановски, со наслов „Заратустра“ ја одушеви жири комисијата и публиката и уште еднаш потврди дека овој млад уметник од Куманово ја гради својата препознатливост на европската и светска интернационална сцена на мозаисти. Инспирација за најновиот мозаик, пак, тој наоѓа во филозофската идеја на Фридрих Ниче и неговото дело “ Така говореше Заратустра“.
„Вечното враќање или вечното повторување е филозофски концепт според кој времето се повторува низ една бесконечна јамка и истите настани ќе продолжат да се случуваат на ист начин, одново и одново, во бесконечност, како што смета Ниче. Така, делото и појавата на античкиот карактер на Заратустра доведе и до инспирација за креирање на мојот истоимен мозаик. Во текот на работниот процес во него вклучив и скулптурални елементи, кои се претопуваат и обединуваат со мозаикот. Имено, истражувањето за оваа дело беше базирано на трите архајски прашања: Од каде доаѓаме? Што сме ние? Каде одиме? А дали има одговор на нив, се уште е мистерија“, вели Стојановски.
На Интернационалниот конкурс за мозаик учествувале 32 дела од мозаисти од Кина, Египет, Хрватска, Грција, како и дела од Академиите за убави уметности во Италија. Била претставена 4-та едиција од конкурсот Студентска награда (P.A.S- Premio Aimc Studenti), посветена на Исота Фиорентини Ронкуци , чија цел е да се промовира јазикот на мозаикот на светско ниво. Првото место е доделено на мозаикот „Шијун“ од авторката Ли Ле од Универзитетот за уметност во Гуангкси, а третото место на Ванг Тијантиан од Академија за убави уметности од Сечуан за делото „Топлотен бран“.
Оваа награда за Мишо следува само после 10-тина дена откако му беше доделена втора награда за мозаикот „Метемпсихозис“ од страна на Фондацијата Паолина Бруњатели од Милано која ги поддржува младите таленти во науката и уметноста.
Кумановецот Мишо Стојановски е на постдипломски студии на престижната Ликовната академија во Равена, Италија, каде има завршено и додипломски студии. Минатата година тој беше прогласен и за победник на конкурсот за мозаик „Илустрирање на комедијата: Пеколот“, во Равена, посветен на 700-годишнината од смртта на најпознатиот италијански поет Данте Алигиери, како и на 19-то издание на Саемот за уметност во Форли, Италија (Vernice Art Fair) на кој неговиот мозаик „Conflictus“ доби награда за уметничко дело со најдобар современ истражувачки пристап.