×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Младите повеќе да си ја почитуваат својата држава, остави аманет Драги Јовановски - Дедо

    10.06.2020 14:10 | KumanovoNews

    Пред три години, по повод Денот на борецот - 11 Октомври, Кумановоњус, го направи последното интервју со Драги Јовановски - Дедо. Зборувавме за НОВ, за борбата на неговата генерација во создавањето на сопствената држава, како и за однесувањето на младите кон својата земја. Во чест на Драги Јовановски - Дедо, го реобјавуваме текстот.

    Младите повеќе да си ја почитуваат својата држава, остави аманет Драги Јовановски - Дедо

    На Денот на народното востание, кога во Куманово и Прилеп пукнаа првите пушки и започна четиригодишната борба против фашистичкиот окупатор, кумановските борци бараат да не се обезвреднува улогата на народната борба, бидејќи таа е светла точка во македонската историја, во исполнување на вековниот стремеж на Македонците за создавање на сопствена држава.

    Драги Јовановски-Дедо, борец и истакнат општествено политички работник, кој еден мандат бил и претседател на Собранието на Куманово, функција на денешен градоначалник, сега има 90 години. Поради здравствени проблеми тешко се движи и повеќе е врзан за постела, но има одлична меморија и јасна мисла, па со задоволство раскажува како на 15 годишна возраст се приклучил на револуционерното движење во кумановската гимназија, а 1943 година заминал во партизани на планината Козјак. Во борбите низ Македонија изгубил четворица другари.

      „Во 1941 година се одржа т.н Мајска конференција на Комунистичката партија во Македонија, за Куманово, на која е донесена одлука за дигање на вооружено востание во Македонија. Македонскиот народ и народностите масовно се приклучиле во НОБ и во ослободување на земјата. Во првите партизански одреди заминаа околу 40 борци во Карадачкиот и Козјачкиот партизански одред, а 10 од нив загинаа во првите борби. Во кумановско имало 7700 учесници во НОБ, загинале 850 од кои половина во борбите, а останатите биле стрелани од окупаторот. Куманово даде и 7 народни херои, и затоа младите треба да си ја сакаат и почитуваат својата татковина, која e создадена со животите на нивните предци“, вели Јовановски.

    Дедо се сеќава дека кога се` кренале во борба против фашизмот, во програмата на Комунистичката партија на Југослвија (КПЈ) и посебно заложбите на тогашниот командант Јосип Броз Тито, биле македонскиот народ да добие рамноправна држава со останатите југословенски народи.

        „Не беше како сегашната држава, но во многу нешта таа држава беше далеку поквалитетна од оваа денеска. Републиките беа во ранг на една држава, освен меѓународните односи“,  раскажува со гордост Дедо.

    Поради големите жртви и пролеаната крв за татковината, преживеаниот борец смета дека е недозволиво што во изминатите 26 години државата наместо да се развива го изгубила она што тие го создавале во повоениот период.

      „Ние борците немаме нешто против против осамостојувањето на Република Македонија, тоа е нормален процес во еден општ хаос по растурањето на Југославија, но ни смета што ниту една политичка партија за овие 26 години не успеа да води политика со која македонскиот народ, тргнувајќи од политичкиот, културниот, образовниот и економскиот живот ќе се развие на повисоко ниво. Ние во сите овие години стагнираме. Политичките партии не` создадоа економски развој. Туку напротив, дури направија крупни криминали дејанија. Македонскиот народ во последниве години наместо економски да расне се оддалечува, младите немаат работа и масовно се иселуваат од земјата, други земаат бугарски пасоши. Младите треба повеќе да си ја почитуваат државата. Паднавме на најниско ниво во Европа. Тоа е изневерување на нашата револуција, тоа е деградација на еден народ“, вели Јовановски.

    Иако е навлезен во десетата деценија, Јовановски со внимание ја следи политичките случувања во државата, чита весници и следи телевизија, па вели дека многу му пречи што се настојува да се смени историјата да се обезвредни значењето на НОБ и да се покаже дека комунизмот бил погубен за народот.

      „Политичарите лажно ја претставуваа историјата. Комунистите ја создадоа Република Македонија во еден далеку подемократски систем на владеење. Јас да ви кажам дека сите што краделе во тоа време, далеку е помалку од тоа што денеска го укрде само еден човек. Сега е раширен толкав криминал што неможам да сфатам“, се чуди Јовановски.

    Тој вели дека е срамна положбата во која се наоѓаат борците од НОБ во Македонија, кои се ставени на маргините, без простории за работа и со уништени споменици, но вели дека и самите се криви што не се избориле за подобар статус додека биле побројни.

    Драги Јовановски-Дедо, почина вчера (9.06.2020) во својот дом во Куманово на 93-годишна возраст.

    Роден е во Куманово на 1.10.1927 година, учесник е во НОБ од 1943 година, во партизански одред на планината Козјак.

    По ослободувањето извршува повеќе општествено политички функции, а еден мандат бил и претседател на Собранието на Куманово, функција на денешен градоначалник. Бил член на ЦК на КПМ,директор на „Жито-мел“, „Киро Фетак“, „Печатница“, началник на Фонд за здравствено и пензионо осигурување Куманово, СВР Куманово и секретар на Општина Куманово.

    По пензионирањето, член е на главниот одбор на Сојуз на борци на Македонија и член на претседателството на Сојуз на борци на Куманово.

    Погребан е денеска на градските гробишта во Куманово.

    (С.Н)