Мени

Младите риболовци од „Пчиња“ најдобри на Државното првенство во Охрид

22.06.2026 14:25 | Стефан Николиќ

Младите натпреварувачи на ЗСРРК „Пчиња“ од Куманово постигнаа извонреден успех на Државното првенство во спортски риболов за деца до 15 години, освојувајќи го првото место екипно, додека нивниот член Алек Марковиќ го освои второто место во поединечна конкуренција.

Младите риболовци од „Пчиња“ најдобри на Државното првенство во Охрид

Државното првенство се одржа на 20 и 21 јуни 2026 година на Охридското Езеро, во организација на Македонската риболовна федерација.

Шампионската екипа на ЗСРРК „Пчиња“ ја сочинуваа Кристијан Додевски, Лазар Пауновиќ и Алек Марковиќ, додека тренери и водачи на тимот беа Игор Јосифовски и Драган Додевски.

Од клубот велат дека во конкуренција биле шест екипи, исклучително силни и изедначени, а на натпреварот учествувале деца на возраст од 12 до 15 години, кои покажале голема упорност, дисциплина и натпреварувачки дух до самиот крај.

Дополнителен предизвик биле условите на патеката на кејот на Охридското Езеро, каде што рибата речиси воопшто не била активна, што го направило натпреварот уште потежок и понеизвесен.

„За нас ова е огромен успех. Да се биде најдобар во државата е големо признание, особено ако се знае дека најголемиот дел од трошоците ги покриваме со средства од клубот и со личен ангажман. Овој резултат ни е дополнителен мотив да продолжиме уште посилно и да работиме со младите, со цел да ги насочиме кон спортот и да ги оддалечиме од улицата и прекумерното време поминато пред компјутерите“, велат од ЗСРРК „Пчиња“.

Следниот предизвик за младите кумановски риболовци ќе биде Државниот куп, кој ќе се одржи на 23 август, каде што очекуваат уште еден добар пласман.

Од клубот додаваат дека интересот за спортскиот риболов кај најмладите постојано расте, а секој тренинг на вода претставува ново искуство и можност за дружење, учење и развивање на спортскиот дух.

„Работата со децата е посебна приказна. Даваме сѐ од себе тие да напредуваат, да ја засакаат природата и спортскиот риболов, а нивните резултати се најдобра потврда дека сме на вистинскиот пат“, порачуваат од клубот.