Монодрамата „Прво лице еднина“ повторно во Кумановскиот театар
Во Кумановскиот театар, денес во 20 часот, ќе се игра монодрамата „Прво лице еднина“, во режија на Драгана Гунин, во чест на професорот Златко Славенски.

Текстот во претставата е на Владанка Димовска, а е работен според мотиви од „Добра ноќ за бунтовни девојчиња" од Елена Фавили и Франческа Кавало.
Во претставата повеќето женски улоги игра токму Владанка Димовска, со цел преку сопствените доживувања и случки, да допре до жената, но и до секој еден човек, без разлика на полот.
„Жените од сите социјални статуси, секојдневно се борат и работат по 12 часа, и затоа не треба да остануваат на маргините. Мажите секогаш треба да ги поддржуваат сопствените жени, затоа што љубовта подразбира надополнување. Борете се против тоа некој да ви кажува како да живеете или како да изгледаме итн., во текот на вашето себепронаоѓање, а не да ве остави да бидете она што сте вие“,- се само дел од пораките кои ги носи оваа претстава.
Иако приказната е раскажана преку жените, на поемотивен и посензитивен начин, сепак ги засега сите луѓе, затоа што станува збор за раскажување на „сопствената приказна“, како и соништата кои секој еден човек ги има.
Во мај, монодрамата „Прво лице еднина“, премиерно беше прикажана во Кумановскиот театар, а бидејќи заинтересираноста на публиката беше голема, претставата, истиот месец, доживеа и реприза.
Проектот е финансиран од Министерство за култура на Република Северна Македонија во копродукција со Театар Куманово.