Мургашанска: Коронакризата не ги спречи капиталните инвестиции во Куманово
Кризата предизвикана од коронавирусот, не ги спречи капиталните инвестиции, тие продолжија да се изведуваат со засилена динамика.

Само во околината на Куманово, се рехабилитирани патишта во должина од 112 километри, рече на денешшната прес-конференција Атина Мургашанска, претседателката на Советот на Општина Куманово.
Таа потенцираше дека иако, тие како партија наследиле руинирана држава, сепак и за време на вонредната состојба продолжиле да се грижат за своите граѓани инвестирајќи во инфраструктурата, придвижувајќи ја економијата, а со самото тоа и во создавање на подобри услови за секој граѓанин.
„Ние имаме сосема поинаков пристап, современ и европски. Ги рехабилитиравме патните правци: Куманово-Опае, Куманово-Никуштак, Куманово-Св.Николе, Мл.Нагоричане-Пелинце, Куманово-Страцин и Ропаљце-Матејче-Липково. Со задоволство, сакам да нагласам дека отпочна рехабилитацијата на патниот правец Куманово-Ранковце во должина од 16,6 км, инвестиција вредна 7,2 милиони евра. Да се потсетиме дека во тек се подготовките за реновирање на „Искрин мост“, со должина од 335 метри е еден од најдолгите во држава. Инвестицијата ќе чини 118 милиони денари“, вели Мургашанска.
На овој начин се овозможува рамномерен регионален развој, поврзување на урбаниот и руралниот дел и североисточниот плански регион.
(Ф.Марковска)