На местото на шумата во Проевце ќе се гради бањски комплекс со хотели
На парцелата кај т.н. „Ловечки дом“ во населбата Проевце во Куманово ќе се гради бањски комплекс, откако мнозинството во Советот на Општина Куманово, пред Нова година, усвои Детален урбанистички план (ДУП) по барање на приватна фирма.
Се работи за државно земјиштето со површина од 43,5 хектари и на него на две парцели е предвидена изградба на бањски комплекс со хотели, деловни објекти, спорт и рекреација.
„Во планскиот опфат на ДУП-от се предвидени две градежни парцели со намена Б2, здравство и социјална заштита. За овој плански опфат, досега немало изработено Детален урбанистички план, сега за прв пат ќе се работи. Во двете градежна парцели е предвиден бањски комплекс, каде како компатибилни намени се јавуваат групно домување, хотелски комплекс, мали комерцијални деловни намени, спорт и рекреација. Максимален процент на дозволена искристеност е 40 отсто. И втората градежна парцела е предвидена со исти конпатибилни намени, групно домување Б-2, хотелски комплески, мали комерцијални деловни намени, деловни простории, Д-3 спорт и рекреација, каде максималниот процент на збирот на компатибилни класи во однос на основната намена на планот изнесува 40 отсто“, објасни пред советниците, раководителката на Секторот за урбанизам, Ана Поповска.
„Површината на првата градежната парцелата е 25.190.46 метри квадратни, а максимална површина на градба е 12.125 метри квадратни. Максимално изградена површина е 48.502 м2. Односно, процент на изграденост е 48 отсто, максимален број на катови е 5+3, висината е 14,5 метри. Површината на зеленило предвидено за оваа парцела е 10.000 м2, односно 39,6 %. Потребниот број на паркинг места е основен услов за изработка на оваа површина за градење. Втората градежна парцела е 18.370 метри квадратни. Површина на градба е 1.120 м2 и вкупна површина по катови 4.480 м2. Тука процент на изграденост е 6,11 отсто, максимална висина е 14,4 метри. Број на катови е 5+3. Површината за зеленило е 16.200 м2, односно 88,55%. И оваа градежна парцела се изработува со урбанистички проект каде можат да се предвидат повеќе површини за градби, но не повеќе од максималната предвидена површина“, дообјасни Поповска.

На овој предлог реагираше опозицијата, која побара ДУП-от да не се гласа, бидејќи се уништува последното парче на зеленило во градот. Советниците кажаа дека шумата е подарок на градот од семејството Лопарски пред 100 години, и сега ќе се продава на приватен инвеститор наместо да се искористи за потребите на граѓаните. Тие сметаат дека тоа се белите дробови на Куманово, со огледа на тоа што нема други шумски појаси.
„Локацијата на која треба да се гради ќе се сече шума. Во време кога се бориме за поквалитетен воздух и кога немаме одобрено средства за пошумување, ние ќе донесеме ДУП за сечење на шумата. Можеби тоа просторно не е многу, но за Куманово е премногу, бидејќи има малку зеленило. Мислам дека треба сите да размислиме и да се запрашаме во кој правец оди урбанистичкото планирање во Куманово. Каде ќе го најдеме зеленилото од 20 проценти во новиот ГУП, ако сега го уништуваме тоа што го имаме. Кој ќе дозволи да се исече шумата за да се градат комерцијални објекти, бања и угостителски објекти. Не сум против тоа да се гради, ама ако некој пред 50-60 години ја сместил КУ-БА на пола километар од таа шума, значи размислуваш стратешки и плански за градот. Наместо таму да се изградат пешачки патеки и да се уреди паркот за да се дише чист воздух, ние ќе ја уништуваме шумата, а просторот за градба на други локации останува неискористен. Ако сега донесме одлука да се исече таа шума, во иднина ќе продолжиме со таа пракса“, кажа Томица Илиќ, координатор на советничката група на коалицијата на СДСМ.
Од надлежните беше објаснето дека за сечење на дрвјата ќе се бара мислење од Министерство за земјоделство и шумарство.
Советниците од мнозинството го изгласаа ДУП-от, по што ќе се распише оглас за продажба на државното земјиште за да се реализира планот.
За Деталниот урбанистички план согласност дало Министерството за транспорт и врски, а како инвеститор на планот се јавува кумановска приватна фирма, која има објект на таа локација.