На „Табакана“ нема да се гради зграда, тврди Димитриевски
На локалитетот „Табакана“ нема да се гради зграда, туку просторот ќе се оплемени со нови содржини за потребите на граѓаните, вели градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Откако започна отстранувањето на времените објекти од оваа локација, во јавноста се наметна прашањето за што ќе се користи новоослободениот простор.
Димитриевски потсети дека според Деталниот урбанистички план (ДУП) е предвидена можност за изградба на станбено-деловен комплекс, но нагласи дека такво нешто нема да се реализира.
„Тој простор планираме партерно да го уредиме со нови паркинг-места, еден дел ќе се озелени, а ќе се изгради и детско катче“, вели Димитриевски.
На локалитетот „Табакана“ има вкупно 53 времени објекти, од кои во функција се само мал дел.
Бараките ги демонтираат сопствениците, а за оние кои нема да постапат по решенијата во определениот рок, Општината ќе постапува по службена должност.
Градоначалникот најави дека ќе се отстрануваат и времените објекти кај некогашното хемиско чистење, со цел проширување на паркинг-просторот.