Мени

Над 27 проекти се реализираат годинава во Куманово, вели Димитриевски

24.06.2026 20:27 | Сузана Николиќ

Во моментов се реализираат или до крајот на годината ќе бидат реализирани повеќе од 27 проекти во Куманово, изјави градоначалникот Максим Димитриевски.

Над 27 проекти се реализираат годинава во Куманово, вели Димитриевски

Според него, во општината се гради како никогаш досега, благодарение на владината поддршка обезбедена преку средствата од унгарскиот кредит.

„Станува збор за крупни капитални проекти од особено значење за градот и граѓаните. Како пример ќе ја посочам улицата „11 Октомври“, каде што се заменува главната водоводна мрежа, стара повеќе од 70 години, преку која со вода се снабдуваат над 70 проценти од домаќинствата во градот. Досега никој немаше храброст да започне ваков проект. Следува и замена на фекалната канализација на оваа улица, која, заедно со Нагорички и Провеки сокак, е меѓу најстарите во градот. На улицата „Моша Пијаде“ се менува целокупната подземна инфраструктура“, изјави Димитриевски.

Градоначалникот им се извини на граѓаните за сообраќајниот метеж што се создава поради градежните работи, но нагласи дека тоа е единствениот начин да се подобрат условите за живот.

Тој потсети дека општините во земјава од Фондот за поддршка на локалните проекти добиле 300 милиони евра за реализација на капитални инвестиции.