Над 28.000 метри кубни вода се троши дневно во Куманово, за 30 отсто повеќе во однос на другите месеци
Во просек околу 28 илјади метри кубни вода се троши дневно изминатиот месец во Куманово. Поради високите температури потрошувачката на вода е зголемена од 30 до 50 отсто, затоа што се користи за полевање на тревници и бавчи.

„Просечната потрошувачка е од 320 до 340 литри во секунда, а на моменти достигнува и до 400 л/с. Најголемата потрошувачка е вообичаено во попладневните часови. Апелираме до граѓаните рационално да ја трошат водата и преработената вода да не се користи како техничка“ велат од ЈП „Водовод“.
Од ЈП Водостопанство “Кумановско-липковско поле“, изјавија дека има доволни количина на вода во акумулационите езера и ќе нема проблеми во водоснабдувањето.
„Во двете брани Липково и Глажња има 19. милиони кубни метри вода, само за споредба минатата година ја започнавме со толкава количина на вода, а сега сме на средина на лето. Има доволни количини на вода и за пиење и за полевање, така да граѓаните немаат потреба од грижи“, велат од Водостопанство.
Метеоролозите најавуваат дека високите температури ќе траат до петок, а за викенд и наредната недела не очекува мало заладување.
„До петок ќе преовладува сончево и многу топло време, а кон крајот на денот ќе има изолирана појава на краткотраен дожд. За време на викендот и во почетокот на идната седмица ќе преовладува променливо облачно и нестабилно време со локален пороен дожд и грмежи. Температурата од петок ќе биде во постепено опаѓање“, соопштува УХМР